Манчестер Сити започна вистински ремонт на тимот во 2025 година, а денес пристигна второто од трите засилувања за два дена – бразилскиот дефанзивец Витор Реиш.
Англискиот гигант, кој е потресен од лошите резултати во првиот дел од сезоната и многу негови играчи влегуваат во доцните играчки години, сака да го освежи тимот со плејада млади и скапи играчи, а втор по ред потпиша за клубот денес.
Откако вчера од Ленс за 40 милиони евра беше донесен Узбекистанецот Абдукодир Хусанов, денеска и официјално беше претставен младиот Витор Реиш кој беше донесен од Палмеирас.
Овој 19-годишен дефанзивец се истакнува во бразилскиот фудбал и го привлече вниманието кон себе со своите настапи за овој голем тим. Долго време Реал Мадрид беше најблиску до негов потпис, но на крајот Манчестер Сити беше поупорен и поконкретен и го финализираше трансферот.
Младиот фудбалер потпиша договор до летото 2029 година и веднаш ќе им биде на располагање на тимот на Пеп Гвардиола, исто како и Хусанов. Тие би можеле да дебитираат веќе овој викенд на премиерлигашкиот натпревар против Челси, бидејќи поради регистрација немаат право на настап во утрешниот дуел од Лигата на шампионите.
„Возбуден сум што ќе играм за Манчестер Сити, еден од најголемите клубови во светот. Сите ги видоа нивните неверојатни достигнувања во последните сезони, но сакам да оставам свој белег додека освојуваме уште повеќе“, изјави младиот Реиш на презентацијата.
Спортскиот директор на Манчестер Сити, Чики Бегиристајн изјави дека тој е еден од најголемите таленти во светот, и дека клубот го следи долго време.
По Хусанов и Реиш, наскоро се очекува да биде финализиран и трансферот на Омар Мармуш од Ајнтрахт Франкфурт. Овој трансфер ќе биде и најскап, бидејќи Германците од Сити ќе инкасираат приближно 70 милиони евра.