Манчестер Сити на стартот на сезоната ќе остане без Ајмерик Лапорт. Шпанскиот репрезентативец го оперирал коленото, откри менаџерот на „граѓаните“ Пеп Гвардиола.
„Тој е аут за август, најверојатно во септември ќе почне да тренира со тимот. Засега добро се развива, но мора да бидеме внимателни поради коленото. Потребно е време“, вели менторот.
Запрашан за другите нови засилувања и особено за Марк Кукуреља, Гвардиола одговори: „Тој е играч на Брајтон. Ако е можно, ќе донесеме уште еден играч. Ако не може, остануваме вака. Жоао Кансело може да игра на левата страна на одбраната, како и Нејтан Аке. Никогаш не се жалам за составот. Понекогаш трансфер прозорецот диктира што да правите. Првата сезона сакавме да земеме играчи на позајмица и не можевме да добиеме никого. Оваа сезона не знам што се случи, но во првите неколку недели ја завршивме работата“.
Пеп рече дека не очекува на новите засилувања Ерлинг Халанд и Калвин Филипс да им треба време да се прилагодат. Утре, Сити се соочува со Ливерпул во битка за „Комјунити Шилд“.
„Утре ќе се обидеме да го освоиме првиот трофеј. Голем успех е да се биде овде. Го познаваме противникот доста добро. Ќе видиме како сме по три недели тренинзи, тоа беше прекратко“, додаде Гвардиола.