Сити по стапките на Челси: На ред е Фоден

од Vladimir Zorba
24 прегледи

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола сака Фил Фоден да го следи примерот на Ерлинг Халанд и целата своја кариера да им ја посвети на „граѓаните“. Минатата недела Норвежанецот потпиша неверојатен нов договор на девет и пол години, врзувајќи го со клубот до 2034 година, а сега се чини дека на ред е Фоден.

Норвешкиот напаѓач го прослави новиот договор со гол во победата од 6-0 над Ипсвич во неделата, додека Фоден постигна два гола и даде две асистенции за подигање на формата.

Англискиот репрезентативецбеше клучен за неодамнешното мини-оживување на Сити, постигнувајќи пет гола на неговите последни три натпревари во Премиер лигата. Неговиот актуелен договор е до 2027 година, но Гвардиола беше експлицитен дека „не смее да замине“, па се чини дека Сити ќе му понуди нов долгорочен договор, по моделот на она што го прави Челси.

„Тој би можел да биде фудбалер кој ќе остане во само еден клуб и ќе ја заврши кариерата тука, играјќи многу, многу години – со оглед на неговата возраст, бројот на голови и асистенции, бројот на натпревари и неговата работна етика. Неговата најголема доблест е што во шеснаесетникот ги чувствува головите во крвта, во коските, во умот. Тој мисли „ќе дадам гол“. Не е лесно да се најде таков фудбалер. Затоа сакам да се обидам да го ставам на централните позиции, бидејќи има специфични квалитети“, изјави Гвардиола.

Фоден, кој минатата сезона беше најдобар играч во Премиер лигата, оваа сезона „преспа“ половина од натпреварувањето.

„Разговаравме многу пати во текот на изминатиот месец или неколку недели. Тој беше сосема поинаков тип на почетокот на сезоната со неколку проблеми, бидејќи играчите се луѓе и понекогаш во долга кариера имате падови, тоа е нормално. Но, навистина сме задоволни што тој повторно е среќен и ужива во играта, а тоа е добро за сите нас“, истакна Гвардиола.

Слични содржини