Сити подготвува „летнa чистка“: Неколку играчи планираат да си заминат од „Етихад“

од Vladimir Zorba
38 прегледи

Манчестер Сити минува низ период на криза. Најдобрите ѕвезди стареат, повредите и заморот си го земаат данокот, а по квалитет ги стигнаа и другите натпреварувачи. „Граѓаните“ веќе не се бестрашни како порано, што значи дека се работи за обнова на составот и многу напорен летен преоден рок.

Многу се шпекулациите за тимот со кој Пеп Гвардиола ќе напаѓа следната сезона, како и за бројот на играчи кои Сити ќе ги отстрани од платниот список. Засега најголем дел од гласините се вртат околу Кевин Де Бруин. Договорот на капитенот истекува за неколку месеци, а шансите за обнова на соработката не се толку сигурни. Белгиецот наскоро ќе наполни 34 години, а веќе 10 години е во Манчестер. Затоа, голема е можноста од следната сезона да го видиме во дресот на некој друг клуб. Многу се зборува за преселба во Саудиска Арабија, но сигурно има неколку големи клубови во Европа кои би биле заинтересирани за него.

Покрај Де Бруин, уште еден играч кому му истекува договорот на лето е Илкај Гундоган. Германецот се врати во Сити летово по една година мината во Барселона, но очигледно е дека не е истиот играч кој ги напушти „граѓаните“ во 2023 година. Неговата иднина се уште не е јасна, па има поголеми шанси да остане во тимот од Белгиецот.

Последниот и најголем проблем е Џек Грилиш. Англискиот репрезентативец дојде во Сити за 120 милиони евра од Астон Вила, а оваа сезона постигна само два гола. Неговиот договор е до 2027 година, а управата на клубот дефинитивно ќе бара да се ослободи од играч кој не ја оправдува неделната плата од 360 илјади евра. Големото прашање е кој ќе сака да ги откупи услугите на 29-годишниот играч, што значи дека „граѓаните“ ќе мора да се ослободат од него за „мало богатство“.

Со напуштањето на овие тројца играчи, Сити само од платите би ослободил 58 милиони евра од годишниот буџет, што би отворило простор да ги искористи тие пари за купување играч или обезбедување на платите на своите најголеми ѕвезди. Според германски Скај, Гвардиола ги следи случувањата во Бундеслигата, каде е заинтересиран за Флоријан Вирц (Леверкузен) и Хуго Ларсон (Ајнтрахт).

Слични содржини