Манчестер Сити и официјално го потврди трансферот на напаѓачот на Ривер Плата, Џулијан Алварез, кој сепак ќе ја заврши сезоната како позајмен во својот сегашен клуб. Договорот на 22-годишниот напаѓач, кој има пет натпревари за националниот тим, е за пет и пол сезони.
Алварез го имаше своето деби за првиот тим на Ривер во октомври 2018 година. За „милионерите“ досега на 96 натпревари има 36 гола и 25 асистенции. Според Фабрицио Романо, „граѓаните“ за него ќе платат 17 милиони евра плус уште 1,5 милиони бонуси.
„Џулијан е играч кој го следиме веќе некое време. Тој е способен да исполнува различни офанзивни улоги. Веруваме дека тој е еден од најдобрите офанзивни играчи во Јужна Америка. Среќен сум што успеавме да го донесеме во Манчестер Сити. Сигурен сум дека можеме да му обезбедиме најпогодни услови за да може да го реализира својот потенцијал и да стане врвен играч“, коментираше фудбалскиот директор на Сити – Чики Бегиристајн.