Манчестер Сити имаше сезона што може да се заборави поради разни проблеми, но игрите на тимот во групната фаза на Светското клупско првенство во Америка изгледаат ветувачки и се чини дека „граѓаните“ брзо ќе го вратат својот сјај.
Сити го декласираше Јувентус синоќа со резултат од 5:2 и, што е уште поважно, доминираше во сите елементи на фудбалот од првата до 90-тата минута. Тие ги освоија сите девет бода во групата, а во осминафиналето ќе се соочат со Саудиски Ал-Хилал.
Менаџерот Пеп Гвардиола беше многу задоволен од настапот против Јувентус.
„Одамна не сме играле вака со и без топка. Играчите беа посветени“, рече шпанскиот стручњак.
Сити повторно е моќен, барем така изгледа сега.
„Разговаравме за тоа што треба да подобриме за да се вратиме на нивото на кое бевме претходно. Среќни сме што завршивме први во групата, откако победивме силен тим како Јувентус, кој го докажа својот квалитет во претходните натпревари“, рече Гвардиола.
Родри се врати на теренот по долга пауза и тоа веднаш може да се почувствува.
„Многу ни недостигаше, нели? Минатата сезона чувствував дека имаме неверојатен тим, но и многу проблеми – повреди, повреди, повреди… На кој тим не би му недостигал најдобриот фудбалер на светот? Неговата смиреност, точно знае што да прави со топката, неговиот карактер, многу работи. Не очекував да игра повеќе од 45 минути, но ми рече – остави ме во играта уште малку. Ќе биде подготвен за следниот натпревар“, заклучи Гвардиола.