Голем скандал го тресе Фудбалскиот сојуз на Кина и Јужна Кореја, откако четворица репрезентативци од овие земји добија доживотна суспензија поради местење натпревари.
Во Европа обично сме навикнати на вакви вести, но сега скандалот со наместени натпревари се случи и на азискиот континент, пренесува „Франс прес“.
Кинеската фудбалска асоцијација доживотно суспендираше дури 43 лица, меѓу кои и поранешните кинески интернационалци Џин Џингдао и Гу Чао, како и младинскиот играч Гуо Тиаџу и јужнокорејскиот репрезентативец Сон Јун-Хо.
Сон, кој играше за Шандонг, беше обвинет од кинеската ФА за учество во местење натпревари и примање мито.
Корејскиот играч од средниот ред се врати во Јужна Кореја во март 2024 година, откако беше приведен во Кина од мај 2023 година.
За Шандонг настапуваше и Џингдао, фудбалер кој исто така се најде на листата на суспендирани и кој своевремено настапуваше за кинеската репрезентација.