Скандал кој може да ја урне моќта на Орбан: Две жени би можеле скапо да го чинат унгарскиот премиер

од Stefanija Kuzmanovska
398 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан кој досега уживаше голема поддршка во својата земја, за првпат се најде во криза која може да го загрози статусот на највлијателниот политичар во земјата.

Како што пишува Би-Би-Си во својата анализа, оставките на Каталин Новак, претседателката на Унгарија и Џудит Варга, министерката за правда поради помилувањето на поранешниот заменик директор на државното сиропиталиште поради сомневања за педофилија, уследија по жестоките реакции во јавнста кога се дозна за овој скандал.

Поранешниот заменик директор е осуден поради притисок врз децата да го повлечат сведочењето против директорот на институцијата за наводна педофилија. Тој беше само еден од 25-те лица помилувани од претседателката за време на посетата на папата Франциск минатата година, но неговото име се дозна во јавноста дури на 2 февруари.

„Ова прашање стана длабоко проблематично за владата, која ја стави заштитата на децата и традиционалните семејни вредности како основа на својата политика. Најлошо од се за Орбан и неговата партија е што заминувањето на двете жени беше проследено со лавина обвинувања за начинот на кој тој ја води државата“, пишува Би-Би-Си.

Во анализата дополнително беше наведено дека двете лица за кои станува збор биле еден од главните столбови на владеењето на Орбан, а на удар се најдоа и шефот за комуникации на Орбан, Антал Роган, кој е и одговорен за тајните служби и Золтан Балог, протестантски бискуп и личен советник на премиерот, кој, како што истакнува Би-Би-Си, наводно зад сцената лобирал за претседателското помилување во случајот со поранешниот директор на сиропиталиштето.

Неколку минути по оставката на Варга, нејзиниот поранешен сопруг, моќниот инсајдер на партијата Фидес, Питер Маџар, објави дека „не сака да биде дел од системот во кој вистинските виновници се кријат зад женските здолништа“.

„Долго време верував во идеалот, во национална, суверена, граѓанска Унгарија. Но, во изминатите неколку години, а особено денес, сфатив дека сето тоа е навистина само политички производ, шеќерна облога која служи само за две цели: Да се скрие од каде доаѓа моќта и да се стекне огромно богатство“, изјави тој.

Слични содржини