Граѓанското здружение ,,Македонска Нација,, од Канада и целата македонска заедница, побара јавно извинување од српската Торонто телевизија ( Serbian Toronto TV) која се емитува на каналот ОМНИ 1 за непочитување и нанесување штета на добрите односи помеѓу српскиот и македонскиот народ, се вели во текстот испратен до Локално.мк. Реакцијата ви ја пренесуваме во целост:
Во своето неделно, велигденско издание пренесувајќи прилог од промоција на книгата ,,По белиот свет,, од авторот Лабуд Драгиќ, на најскандалозен начин беше навреден македонскиот народ и македонскиот литературен јазик кој бил ,,мешавина на јужносрбијански дијалекти со дополнително влијание на бугарскиот, а официјално промовиран од Блаже Конески,, .
Ова беше само дел од прикажаното антимакедонско, видео, невидено во поновата историја во мултиетничка Канада каде што почитувањето на различностите е правило број еден за соживот и хармонија.
Во телевизискиот прилог од промоцијата на книгата бевме ,,потсетени,, дека било залудно што Илинденското востание го подигнале Срби, со носталгичност за некогашното крунисување на Цар Душан во Скопје, до тоа дека ние Македонците од толкуте мешавини и влијанија сме одбрале да бидеме токму потомци на Александар Велики, па дури не’ советуваа дека попаметно би било да се наречеме Кинези.
По повод овој медиумски скандал здружението ,,Македонска Нација,, од Канада предводено од Боне Темелков во отворено писмо упатено до продуцентот на српската телевизиска програма од Торонто Милан Чобанов, ко-продуцентот и водител Милјана Ристиќ, наведува:
-,, Македонците во Канада и во целиот свет се крајно разочарани во вашиот избор на промовирање на српскиот автор г. Лабуд Драгиќ и неговата книга “По белиот свет”. Самата книга, која беше многу агресивно промовирана на вашата програма, изразува омраза кон Македонците, па дури оди дотаму да се зборува за непостоење на македонската нација и сите нејзини луѓе.
Ваквите тврдења не се земени лесно, и мора да се коригираат. Јас почитувам дека живееме во демократија, која се базира на основното право на слобода на говорот, но предавања расизам, нетрпеливост, омраза, па дури и агресивно како непостоење на цели народи не е однесување кое ќе се толерира во Канада и е неморално и нелегално, стои во писмото на здружението ,,Македонска Нација,, од Канада.
Во протестното писмо побарано е јавно извинување од српската телевизиска програма од Торонто за непочитување и нанесување штета на добрите односи помеѓу српскиот и македонскиот народ.
,,- Доколку не добиеме извинување , ќе преземеме акција и ќе ги користиме законските можности,,- се додава во писмото.
По бројните реакции на Македонците од Канада, скандалозното видео беше отстрането од јутуб каналот а продуцентот на програмата освен усно најавил и официјално извинување на српската телевизиска програма во Торонто.
Од Торонто за Локално.мк извести Соња Лозановска
https://www.facebook.com/MakedonskaNacijaCanada/videos/10208217196082321/
Видео од прилогот https://www.facebook.com/macedonia.newspaper/