Аргентинскиот претседател Алберто Фернандез побара оставка од министерот за здравство Гинис Гонзалес Гарсија, откако медиумите објавија дека луѓето користеле врски за да добијат пристап до вакцините против КОВИД-19, потврдија за „Ројтерс“ доверливи извори во аргентинската администрација.
„Ројтерс“ пренесува дека аргентинскиот претседател побарал оставка од министерот Гарсија по јавните обвинувања дека најмалку 10 лица примиле вакцина без да ја почитуваат редовната постапка, а меѓу нив бил и познатиот постар новинар Хорасио Вербицки, кој изјавил дека бил вакциниран по разговорот директно со министерот.
„Му се јавив на мојот стар пријател Гинис Гонзалес Гарсија и тој ми рече да одам во болницата Посадас за да се вакцинирам“, навел Вербицки во интервју за локална радиостаница, јавува агенцијата.
Локалните медиуми известуваат за неколку случаи на вакцинација на политичари и други лица кои не биле во приоритетните групи.
Два извори во канцеларијата на претседателот неофицијално ги потврдиле извештаите на медиумите за „Ројтерс“ дека претседателот побарал оставка од Гарсија поради ова, но тие не можеа да го именуваат неговиот наследник, а аргентинското Министерство за здравство не одговорило веднаш на барањето на агенцијата за коментар.
Од декември, Аргентина ја користи руската вакцина „Спутник V“ за приоритетна имунизација на здравствените работници во „црвените зони“, а оваа недела земјата започна да вакцинира лица постари од 70 години, но со задолжително закажување и почитување на постапката што прво вклучува регистрација, наведе агенцијата.