Поранешниот премиер на Австралија, Скот Морисон, денеска изјави дека донел одлука тајно да се назначи во уште пет клучни министерства за време на пандемијата, бидејќи верувал дека одговорноста за нацијата почива исклучиво на него.
Морисон, кој се повлече од функцијата лидер на Либералната партија по поразот на општите избори во мај, се обрати на прес-конференција за да одговори на низата критики од актуелната влада и неговата сопствена партија во врска со назначувањата, пренесува „Ројтерс“.
Австралискиот премиер Ентони Албанес го оцени овој потег како „невидено уништување на вестминстерскиот систем“, коментирајќи го сознанието дека меѓу март 2020 и мај 2021 година, Морисон се назначил себеси за министер на пет ресори, без во некои случаи да не го предупреди постоечкиот министер за тоа.
Тројца министри не знаеле дека Морисон ја делел власта над нивните министерства до откривањето оваа недела, велат тие.
– Управував брод среде бура. Само јас, како премиер, можев да ја разберам тежината на одговорноста што беше на моите рамења и на ничии други – им рече Морисон на новинарите, потсетувајќи како пандемијата ја погоди Австралија во 2020 година, пренесува „Ројтерс“.
Australia's ex-prime minister Scott Morrison denies he effectively ran a shadow government during his time in office, saying it was necessary during the pandemic to secretly appoint himself to several ministerial postshttps://t.co/kbkRBPpUrZ pic.twitter.com/MR0tI6CTEV
— AFP News Agency (@AFP) August 17, 2022
Морисон изјави дека не ги „презел“ министерствата и рече дека не се мешал во работата на министрите, а објаснил дека не ги информирал бидејќи имал намера да ги користи овластувањата само во итни случаи.
Генералниот гувернер Дејвид Харли, претставник на кралицата во Австралија, потврди дека потпишал документ со кој му дозволува на Морисон тајно да преземе три министерства, додавајќи дека сето тоа е направено во согласност со член 64 од австралискиот Устав.
Меѓутоа, Албанес, правните експерти и поранешните колеги на Морисон го критикуваа ваквиот потег бидејќи се се правело под велот на тајноста.
Албанес посочи дека ќе побара правен совет во врска со тие одлуки, кои се очекува владата да ги добие во понеделник, наведува британската агенција.