Милош Павловиќ, познат како „Ќаци“, предизвика инцидент во седиштето на Европската Унија во Србија, кога вчера, заедно со медиуми блиски до српскиот претседател Александар Вучиќ, упадна во зградата на Делегацијата на ЕУ, барајќи средба со комесарот за проширување Марта Кос.
Како што пренесува порталот „Нова.рс“, Кос планирала средби со студенти кои повеќе од шест месеци протестираат низ цела Србија, што и се случило, но не и со групата студенти кои се блиски до Вучиќ и властите. Тие, под водство на Павловиќ, побарале состанок, а на крајот Кос имала краток разговор со него помеѓу двете претходно планирани средби. По разговорот, Марта Кос не ја споделила средбата со Павловиќ на социјалните мрежи, туку објавила фотографија и неколку зборови од средбата со студентите кои протестираат од ноември минатата година. Од друга страна, Павловиќ и неговата група студенти се пофалиле дека имале „конструктивна и добра“ средба со Кос, без да откријат како дошло до неа.
Во рамките на својата посета на Србија, Кос ја посетила и железничката станица во Нови Сад, каде што им оддаде почит на жртвите од трагичниот пад на конструкцијата, при што загинаа 16 лица. Оваа трагедија беше еден од поводите за започнување на протестите против владеењето на Вучиќ во Србија.