Целиот дисциплински комитет на Турската фудбалска федерација поднесе оставка откако пораките од нивната WhatsApp група протекоа во јавноста.
Членовите на дисциплинскиот комитет, како и другите тела на федерацијата, му се потсмеваа на Фенербахче, коментираа дека постојано се жали на судењето, а неговиот тренер Жозе Мурињо исто така беше цел на нападот.
„Премногу го толериравме оваа сезона. Ќе плати следната сезона“, беше само една од пораките, а другите беа исто така со проблематична содржина.
Прв поднесе оставка претседателот на дисциплинскиот комитет, Џелал Демитурк, а потоа и неговите најблиски соработници. Дисциплинскиот комитет строго го казни Жозе Мурињо двапати минатата сезона.
Првиот пат во февруари откако тој остро ги критикуваше судиите за пристрасност во дербито против Галатасарај, кога беше суспендиран на четири натпревари. Во април, Мурињо го зграпчи тренерот на Галатасарај, Окан Бурук, за нос по дербито, за што доби уште една суспензија од три натпревари.
Мурињо во текот на целиот свој престој во Турција тврдеше дека судиите се ужасни и дека нешто мора да се промени, а неговите тврдења добија на кредибилитет откако претходно споменатите пораки протекоа.