Скопје и Тирана ги повикаа Белград и Приштина да го спроведат договорот од Охрид

од Nikola Popovski
170 прегледи

Министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Албанија, Бујар Османи и Олта Џачка денеска ги повикаа Србија и Косово без одлагање да го спроведат договорот што го постигнаа во Охрид.

Османи на заедничката прес-конференција со Џачка рече дека во разговарале за неодамна постигнатиот договор меѓу Косово и Србија во Охрид и дека се согласиле дека договорот постои и дека двете страни треба да го спроведат без одлагање, во што можат да сметаат на поддршка и помош.

„Тие се наши соседи и го поздравуваме секој напредок што значи стабилност и просперитет за целиот регион. Без разлика на различните толкувања за тоа што е договорено и што треба да се спроведе, ние се согласивме дека договорот постои и дека страните треба да го спроведат без одлагање, во што ќе ја имаат нашата целосна поддршка и волја да им помогнеме“, рече Османи.

Скопје и Тирана, како што посочи, сметаат дека е исклучително важно овој договор, согласно неговите основни принципи и елементи, да биде сеопфатен и во одреден момент да резултира со меѓусебно признавање.

„Целиот регион, сите шест земји од Западен Балкан, треба да добијат јасна европска перспектива, каде што ќе ја постигнат својата суштинска интеграција, а тоа не може да се реализира со отворени и нерешени прашања“, рече шефот на дипломатијата на Северна Македонија.

Албанската министерка за Европа и надворешни работи Џачка истакна дека го поздравиле договорот од 18-ти март во Охрид со анексот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

„Сметаме дека овој договор ќе ја подобри евроатлантската перспектива на регионот (Западен) Балкан и го поддржуваме ангажманот на ЕУ и САД и имплементацијата на Анексот, кој е составен дел од договорот за нормализација на односите“, рече Џачка, која денеска е во официјална посета на Македонија.

Слични содржини