Советничките групи во Советот на Град Скопје доцна синоќа на вонредна седница изгласаа ЈСП Скопје да добие субвенции, откако постоеше закани главниот град после Нова година да остане без јавен превоз, како што најави градоначалничката Данела Арсовска.
Согласно одлуката, ЈСП ќе добие дел од парите, а не целосната сума од 12 милиони евра како што беше предвидено во Буџетот на град Скопје за 2023 година.
-Два дена изгубивме кој ќе биде право, кој да ги гласа и кој да не ги гласа субвенциите. Се согласивме да ја поддржиме субвенцијата за да не запрат услугите на ЈСП, за да излеземе во пресрет на граѓаните, иако сметам дека тоа се многу пари кои што се одделуваат. Минатата година беа 8 милиони евра, и оваа година ќе дадеме 10 милиони евра само за да функционира, да не бидеме ние виновници за целата ситуација, рече советникот од СДСМ, Гордан Шутаров во обраќање од говорницата во Градското собрание.
ВМРО-ДПМНЕ утрово ги обвини останатите советнички групи „за доделување над половина милијарда денари пари за ЈСП без да има детално образложение како ќе се трошат“.
-Претходно на редовната седница на Советот на Град Скопје СДС гласаше против, и откако се договори и усклади со ДУИ и Левица побараа вонредна седница на полноќ на која гласаа ЗА 650 милиони денари субвенции за нивниот директор на ЈСП, Александар Стојковски. Коалицијата на хаосот и криминалот СДСМ, ДУИ и Левица на дело. Лепакот се криминалот и тендерите на Арсовска, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, Советот на Град Скопје изгласаа дополнителни 20 милиони денари субвенции за ЈСП, откако на претходниот ребаланс во јуни изгласаа 130 милиони. Советниците се жалаа дека немаат никакви информации од претпријатието, а треба да изгласаат субвенции, со кои се овозможи исплаќање на платите на вработените во претпријатието и се прекинува протестот на возачите поради кој дента не функционираше јавниот сообраќај во градот.