Скопјани испалашени: Ќе имаат ли топли радијатори?

од Берта Китинска
248 прегледи

Владата и Регулаторна се уште без решение како 54.000 домаќинства во Скопје викендов да не останат без парно греење.

“Балкан енерџи груп” (БЕГ), која снабдува голем дел од домаќинствата во Скопје, соопшти дека има средства за набавка на гас само до крајот на денешниот ден и побара од Владата времено да го преземе управувањето со компанијата сѐ до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона.

– Има средства за набавка на гас до крајот на утрешниот ден. Како општествено одговорна компанија информираме дека немаме повеќе ресурси да обезбедиме финансирање на грејната сезона без државна помош за компензирање на тарифита за производство на топлинска енергија со што не ќе можеме да продолжиме со производство на топлина. За да се обезбеди непрекинато производство на топлинска енергија, предложивме Владата да ја преземе во времено управување компанијата почнувајќи од 14 јануари 2022 година се до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона – наведе БЕГ во соопштението.

Претседателот на Регулатроната комисија за енергетика Марко Бислимовски кажа дека БЕГ ќе остане без лиценца во моментот кога ќе престане да испорачува топлинска енергија во Скопје.

„Предлогот што го понуди БЕГ за Регулаторната комисија е неприфатлив, имајќи предвид дека сите опции што ги понудија и Регулаторната комисија и Владата, БЕГ и ТЕ-ТО ги одбија. Се разбира дека одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе си ја преземе Владата кога веќе БЕГ кажува дека тоа нема да може да го прави од сабота, но затоа Регулаторната комисија ќе им ја одземе лиценцата за работата. Дополнително, нека не очекуваат некој друг да им го реши проблемот за тие во мај да се вратат како принцеви на бели коњи. Сè што треба да преземе државата за да си ги заштити граѓаните, ќе преземе“, вели Бислимоски за СДК.

Владата реши да го активира во полн капацитет ТЕ-ТО, и ќе работи од 5 наутро до 1 часот по полноќ наредниот ден, седум дена во неделата, а не само пет.

Министерот за економија Крешник Бектеши појасни дека АД „ТЕТО“ ќе работи седум дена во неделата во период од 05 до 01 часот со полна моќност, а АД ЕСМ ќе го откупува вишокот на електрична енергија што компанијата нема да го продаде на слободниот пазар, за што денеска ќе биде потпишан договор меѓу двете компании.

Слични содржини