Над 500 илјади жители на Скопје и околината се гушат во отровен чад од пожарите во Трубарево, Дрисла и Вардариште, а власта се крие зад измислени приказни за „хибридни напади“. Додека граѓаните вдишуваа канцерогени материи, институциите задоцнето реагираа, дури не излегоа навреме ниту да ги информираат граѓаните, да дадат препораки, да кажат како да се заштитат, велат утрово од СДСМ како реакција на случувањата при пожарот во Трубарево и постапките на надлежните институции.
Според СДСМ, Македонија има неспособна власт која раскажува приказни додека горат депонии и фабрики, а граѓаните ја плаќаат цената со сопственото здравје.
-Скопјани се уште не знаат колкаво е загадувањето, дали е целосно безбедно, колкава количество токсичен отпад изгоре, колкава беше концентрацијата на отровни, корозивни и опасни материи за здравјето на луѓето? Владата на Мицкоски е најодговорна за еколошката катастрофа што се случува со пожарите, вклучително и во депониите кои се управувани токму од ВМРО-ДПМНЕ.
Доста беа приказни, за овој екоцид, за оваа еколошка катастрофа во Скопје и во Македонија мора да има политичка и кривична одговорност, стои во партиското соопштение од најголемата опозициска партија.
Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, вчера беше на теренска посета на опожареното складиште во Трубарево, каде денес е поставена мерна станица, поставена да го провери квалитетот на воздухот во реално време.
-Мерењата ќе се извршат секојдневно 24/7 за да се следи квалитетот на воздухот, и навремено информирање на јавноста, која ќе има можност да ги следи податоците во реално време, информираат од Министерството.