Граѓани на Скопје, од Скопје Север и Топанско Поле во изминатите денови реагираат зашто се оставени без парно или греењето им е многу слабо.
Од регулаторна велат дека потрошувачите не постојат за да ги финансираат снабдувачите, туку плаќаат за услуга која треба да им биде обезбедена. Воедно ги повикаа граѓаните кои не добиле соодветна услуга да поднесат приговор до Комисијата.
-Снабдувачот има обврска во текот на грејната сезона да обезбеди минимална температура од 20+1 Целзиусов степен во грејните простории во времето од 6 до 22 часот во текот на денот. Дополнително, согласно член 10 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, Управителот односно Заедницата на сопственици, поднесува писмено барање до снабдувачот за промена на режимот и нивото на испорака на топлинска енергија на мерното место. Снабдувачот е должен да постапи по барањето за температурниот режим на објектот што е доставено од Управителот односно Заедницата на сопственици, соопшти РКЕ.
По поплаките до снабдувачите, посочува Регулаторната комисија, екипи од снабдувачот мора да излезат на терен и да ја проверат фактичката состојба.
-Потрошувачите не постојат за да ги финасираат снабдувачите, туку за да платат услуга која треба да им биде обезбедена, вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Комисијата посочува и дека минатата година побарала да се направат измени во Законот за енергетика со кои ќе се зголемат ингеренциите и ќе се прецизираат надлежностите во однос на изрекување повисоки казни кон операторите на дистрибутивните системи доколку поради нивна неажурност и лоша организација ги оставиле потрошувачите без греење во време на грејна сезона.