Утре е можно скопјани повторно да останат без јавен превоз како што се случи во октомври лани, откако синдикатот на ЈСП информира дека се уште немаат земено плата за месец јули. Миќо Стојановски, претседател на еден од трите репрезентативни синдикати на ЈСП истакнал дека утре гладните вработени пак ќе излезат на протест, доколку денес не им легне платата.
Тој информира дека денеска добиле порака од генералниот менаџер на ЈСП Крсте Петревски, оти средствата ќе легнат на сметка на претпријатието. Но, како што вели, истото им било кажано и во претходните два дена.
Стојановски информира дека со буџетот 2023 било договорено дека ќе има доволно средства за плати, субвенции и други дотации, но, како што вели, останале излажани.
Претставници на Синдикатот очекуваат и средба со градоначалничката Данела Арсовска, со која сакаат да поразговараат која е причината за нередовната исплата на плати.
Колку за потсетување, во октомври минатата година, вработените во јавното претпријатие исто така не излегоа да возат, бидејќи ЈСП им доцнеше со исплатата на плати во законскиот рок. Сепак состојбата се реши, а автобусите продолжија да сообраќаат по скопските улици.
Минатата година дојде и до протест на приватните превозници, кои подолг период не возеа. Сето ова доведе до метеж, нередовни автобуси и многу нервози кај скопјани, а токму бесплатен и уреден јавен превоз беше едно од клучните предизборни ветувања на Арсовска.