Скопје, Битола и Куманово со најмногу заболени од грип, вирусот најмногу ги погодува лицата од 15 до 64 години

од Даниел Ѓорѓиевски
31 прегледи

Бројот на заболени од грип во Македонија бележи значителен раст во споредба со истиот период минатата година. Според последните податоци од Институтот за јавно здравје, во текот на деветтата недела од 2025 година пријавени се 2.569 случаи, што е за 15,4% помалку во однос на минатата недела, но дури четири пати повеќе од истиот период лани.

Најпогодена е возрасната група од 15 до 64 години, а најмногу заразени има во Скопје, Битола и Куманово. Во три градови – Дебар, Свети Николе и Кратово – вирусот покажува многу висока активност.

”Најмногу заболени се регистрирани во возрасната група од 15 до 64 години (1.465 случаи), потоа кај децата од 5 до 14 години (550), следат децата од 0 до 4 години (297), додека 257 случаи се регистрирани кај лица постари од 65 години. Најголем број на заболени има во Скопје (515), потоа во Битола (236), Куманово (203), Струмица (166), Гостивар (141), Тетово (137), Штип (137), Велес (135) и Свети Николе (125),, изјави директорката на институтот за јавно здравје Д-р Марија Андоновска.

Од почетокот на сезоната пријавени се вкупно 19.944 случаи, што претставува зголемување од 49% во однос на лани. За жал, досега се регистрирани и четири смртни случаи, последниот кај жена над 65 години со претходни здравствени состојби.

Лекарите апелираат на зголемени мерки на претпазливост, носење маски во затворени простории и изолација на заболените за да се спречи понатамошно ширење на вирусот.

Слични содржини