Македонската и бугарската влада ќе продолжат да разговараат и по ветото. Според специјалниот претставник на македонската влада Владо Бучковски пријателскиот тон во билатералните разговори е единствениот начин да се постигне разбирање и доверба
Цената за преговори со ЕУ нема да биде ревизија на македонскиот идентитет
Бугарија неевропски го прекрши Договорот за добрососедство, застана на патот на нашата интеграција и испорача гест кој не покажува ни пријателство, ни братство, рече вчера Заев во обраќање до јавноста по бугарското вето.
– Ставот на Бугарија е целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ. Во 21 век не е европски, ниту демократски, да му кажете на друг како да се самоопределува, да му ја пишувате историјата и да му наметнувате идентитет. За Северна Македонија не се прифатливи овие услови и застанавме цврсто во одбрана на македонските национални интереси. Не дозволивме да се чепка во столбовите на идентитетот и нема да дозволиме ниту антифашистичкиот идентитет да биде загрозен и да биде доведен во прашање! Темелите на нашата државност се во антифашизмот на АСНОМ, како што темелите на нашиот идентитет се во македонскиот народ и македонскиот јазик. Тоа се нашите столбови од минатото и за иднината – рече Заев и повтори дека Владата одбила да преговара за работи за кои не смее ни да се разговара и дека цената за преговори со ЕУ нема да биде ревизија на македонскиот идентитет.
Спорните прашања меѓу Бугарија и С. Македонија биле тема на разговор помеѓу специјалниот пратеник од македонската влада за Бугарија, Владо Бучковски, кој пристигна во Софија и бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов.
На состанокот Бучковски го изрази ставот на С. Македонија дека дијалогот треба да продолжи.
Според него, пријателскиот тон во билатералните разговори е единствениот начин да се постигне разбирање и доверба.
Вицепремиерот Красимир Каракачанов изразил задоволство од изразената желба, но истакнал дека антибугарската реторика и говорот на омраза сè уште траат.
Тој истакнал дека нема да се постигне компромис со заедничка историја до 1944 година.
„Каракачанов нагласил дека има многу луѓе во Македонија кои го дефинираат својот јазик и себеси како Бугари и дека нивното право не може да биде одречено и потиснато“, рекол министерот, кој бил цитиран од прес-центарот на Министерството за одбрана.
Захариева потенцира дека не сакале само зборови, тука дела и дека се подготвени да бараат решение за надминување на акумулираната недоверба.
– Ги продолжуваме разговорите за изнаоѓање решение за преостанатите билатерални прашања, како и изнаоѓање излез за патот на Македонија кон преговарачката рамка за членство во ЕУ. Погрешно е ова да се нарекува вето, бидејќи станува збор за неодобрување на преговарачката рамка. Ние сме во деликатна фаза од нашите односи – рече вчера Захариева.
Захариева до Бучковски: Ако сакате да станете член на едно семејство, не може да ги дискредитирате членовите
„Ние навистина ви подаваме рака за наоѓање на решенија кои се заемно прифатливи и трајни и да го отворите патот за нови односи. Довербата им даде сила на двајцата премиери да преговараат и да го потпишеме овој договор. Па се надевам, господине Бучковски, дека работите за кои разговаравме денес ќе бидат ценети, дека обидите да се објасни она што не сте подготвени да го сторите, ќе бидат запрени и ќе најдеме начин да го направиме заедно она што останува“, изјавила министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева на денешната заедничка прес-конференција во Софија.
Според неа, да се биде членка на ЕУ значи дека треба да се придржувате кон вашите билатерални или мултилатерални договори.
За ВМРО-ДПМНЕ Бучковски е бил нелегитимен
Откако речиси секојдневно бараа да знаат што се случува во преговорите со Бугарија, сега ВМРО-ДПМНЕ не сака Владо Бучковски да ги информира за неговите разговори со Софија. Антонио Милошоски, пратеник и член на ИК на партијата, вели дека тој не е добредојден во ВМРО-ДПМНЕ затоа што не бил легитимен претставник на државата.
„Бучковски како политичар нема кредибилитет во Република Македонија и во поширата јавност“, рече Милошоски при гостувањето на Сител и го отфрли ставот на претседателот Стево Пендаровски дека тој по враќањето од Софија ќе направи посета кај сите политички партии и ќе ги брифира. Милошоски рече дека е потребна лидерска средба или собраниска седница (затворена или отворена) на која ќе се утврди „рамката на нашиот национален идентитет како европска вредност“. Тој не верува во пресврт до крајот на годината, особено откако Владата го назначи Владо Бучковски за специјален претставник.