Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и неговиот бугарски колега, Гроздан Караџов ќе потпишат Договор за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел меѓу двете земји. Ова го соопшти прес-центарот на бугарското Министерство за транспорт и врски.
Потпишувањето ќе се одржи во четврток, 6 ноември, во 11:45 часот, на железничката станица Ѓуешево.
На церемонијата ќе присуствуваат претставници на Европската комисија, дипломатските мисии на земјите од ЕУ и НАТО во Бугарија, како и претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светската банка.
Прекуграничниот тунел е клучен елемент на транспортниот коридор Западен Балкан – Источен Медитеран и стратешкиот Коридор 8. Неговата имплементација ќе ја обезбеди недостасувачката железничка поврзаност меѓу Бугарија и Македонија и ќе го подобри пристапот до транспортот меѓу Црното Море и Јадранското Море.
Планираната должина на тунелот е околу 2,4 км, од кои половина ќе биде на територијата на Македонија.
Се очекува неговата изградба да го поддржи економскиот развој на регионот и да ја зајакне интеграцијата на транспортните мрежи на ниво на ЕУ и НАТО.
Железничката станица Ѓуешево моментално е во фаза на реновирање.