Скопје негува оптимизам и покрај најавите за вето од Софија

од Берта Китинска
167 прегледи

Новиот бугарски премиер Кирил Петков вели дека „треба да се седне и да се работи“, односно посакува повеќе време за идните работни групи што ги најави, а македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, пак, порача дека „е важно да ги држиме роковите кратки“.

– Сите се свесни колку е важен 14 декември, но словенечкото претседателство, ако добие сигнал од Бугарија, може дури и на 30 декември да свика онлајн состанок на министрите за надворешни работи и да се одобри истиот ден да се одржи меѓувладината конференција – вели Османи.

Тој смета дека формирањето нова влада во Бугарија дава надеж за суштински разговори меѓу две стабилни влади, а дополнително, вели, се гледа зголемена француска активност за деблокирање на процесот.

Османи предупредува дека ако спорот премине во замрзнат конфликт, Македонија ќе остане изолирана во европските перспективи, што не е добро за двете земји и за целиот регион.

– Двете прашања се важни и во двете има ризик. Мора да држиме баланс меѓу интересите по однос на идентитетските прашања и потребата државата да не се изолира – рече Османи.

Бугарскиот премиер Петков веќе најави дека позицијата на Бугарија за Македонија засега останува непроменета и побара време од најмалку шест месеци за дискусија меѓу работните групи во повеќе области, што допрва треба да се формираат.

Петков во интервју за БНТ, ја продолжи реториката за Северна Македонија промовирана уште во текот на кампањата пред последните парламентарни избори, најавувајќи зачувување на досегашната бугарска позиција, но и нејзино конструктивно надградување. Во прв план, Петков планира воспоставување заеднички работни групи на претставници од Бугарија и од Северна Македонија, со фокус на „она што и двете страни можат да го добијат како добри соседи едни кон други“.

-Со нашите коалициски партнери јасно дебатиравме и запишавме во коалицискиот договор што треба да се очекува од нас. Ние ја зачувуваме позицијата на Република Бугарија во однос на барањата кон Северна Македонија, но ја надградуваме. И тука ќе биде новината. Надградувањето треба да се случи преку заеднички групи што ќе работат секој месец, најмалку еднаш месечно, и во нив треба да зборуваме за заедничка инфраструктура, заедничка култура, заеднички економски чекори… Така што, кога зборуваме за дебата и за решавање на заедничките проблеми – да се фокусираме на добрососедство, на она што и двете страни можат да го добијат како добри соседи едни кон други, вели Петков.

Слични содржини