Од организацијата „Скопје Прајд“, која беше дел од втората Парада на гордоста во главниот град известуваат дека се случил физички напад на ЛГБТИ лице, по завршувањето на настанот во саботата.
„Иако самиот настан помина во најдобар можен ред, ни се случи несакано дежаву во форма на физички напад по завршувањето на Прајдот. Сторителите се пронајдени. Станува збор за тројца малолетници, што нападнаа и му нанесоа повреди на ЛГБТИ лице во центарот на Скопје и сега ќе се соочат со отежнувачката околност на дело сторено од омраза. Цената на нетолеранцијата кај нас редовно и најмногу ја плаќаат младите, и како жртви, и како извршители на кривични дела од омраза, и тоа е една од главните пораки што сакаме да бидат чуени. Не може сеењето омраза да се пакува како вистинска грижа за децата“, велат од Скопје Прајд.
Од таму додаваат, дека нападот бил еден брз „reality check“ и тоа додека уште траат моментите на добро исполнет и радосен ден.
„Отрезнување кон она што сите добро го знаеме, дури и кога инспиративната атмосфера на заедништво и солидарност ќе нѐ направи еуфорични. А тоа е дека борбата е постојана и дека меѓу деновите кога славиме протестирајќи, и понатаму е потребно засолниште за прогонетите, психолошка поддршка на трауматизираните, правна помош, здравствена и социјална грижа и други начини да им се излезе во пресрет на најранливите и помалку привилегираните. Организациите-членки на НМХТ се целосно посветени на оваа мисија и продолжуваме со сите свои сили, љубов и ентузијазам да работиме на промените. Без сомнеж и без оглед на етикетите, што од разни страни ги добива нашиот граѓански активизам“, велат од организацијата.