Skopje Pride на 29 јуни во Скопје (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
288 прегледи

Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата денеска го најави одржувањето на првата Парада на гордоста (Skopje Pride 2019) на скопските улици во последната сабота од јуни. Во текот на наредниот месец јавноста ќе биде информирана за деталите околу одржувањето на Парадата, точната локација, маршрута и време.

Ирена Цветковиќ, која ја отвори денешната прес конференција, ја истакна важната улога која медиумите ја имаат во заедничката борба за праведно општество во кое се почитуваат човековите права и слободи на сите граѓанки и граѓани, вклучително и ЛГБТИ заедницата.

Антонио Михајлов пак ја нагласи потребата од што е можно поголема поддршка и активно учество од сите чинители: политичари, јавни личности, активисти, уметници на Парадата на гордоста, солидаризирајќи се со ЛГБТИ луѓето.

„Парадата на гордоста креира простор кој еманципира и ослободува, и е отворен за сите, без разлика на нивната нација, вера, род, сексуална ориентација, родов идентитет итн“, вели тој.

„Годинава се одбележува 50-годишнината од првите демонстрации во Њујорк, познати како Бунтот од Стоунвол, кои беа пресвртна точка за создавање на ЛГБТИ движењето, односно борбата за почитување на основните човекови права и спротивставување на прогонот и стигматизацијата на ЛГБТИ луѓето“, изјави Кочо Андоновски.

Северна Македонија е последната земја од регионот која организира Парада на гордоста.