Скопје се надева на решение по изборите во Бугарија

од Берта Китинска
264 прегледи

Убеден сум дека разумноста на политичарите надвор од изборни процеси, во мирни води, во постабилно време ќе преовлада и ќе надвладее за да можеме да испишеме убава историја, која што ќе им ја оставиме на младите, и на децата, и на идните генерации, вели премиерот Зоран Заев во врка со спорот со Бугарија.

-Пораките беа јасни и верувам дека претседателот Радев ги сфати самите пораки. Уште еднаш потврдувам билатерални работи треба билатерално да седнеме и да ги решаваме. Работните групи продолжуваат да работат. Верувам дека би дошле до усогласени текстови, би се решило тоа прашање, затоа што тоа се решливи прашања односно ќе кажам едноставно е, дека краткото име е исто со долгото име, Северна Македонија е исто со Република Северна Македонија, дека немаме територијални претензии спрема ниту еден од соседите. Секако, немаме територијални претензии спрема Република Бугарија, рече Заев во одговор на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Верувам, нагласи Заев, дека ќе се изнајде решение доколку се сака, односно доколку тоа го сакаат двете страни.

-Ако едната страна сака и понатаму да блокира и да го прави тоа, тоа останува на страната. Дефинитивно нам ни треба поддршката од Бугарија, таа е еден од нашите први соседи, источен сосед. Често покрај пријатели се нарекуваме и браќа, а браќата си помагаат меѓу себе, не наоѓаат начини и прични како да се блокираат. Бугарија е членка на ЕУ и ЕУ без една земја не може да донесе одлука, но убеден сум дека разумноста на политичарите надвор од изборни процеси, во мирни води, во постабилно време ќе преовлада и ќе надвладее за да можеме да испишеме убава историја, која што ќе им ја оставиме на младите, и на децата, и на идните генерации, истакна Заев.

Шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев вчера во Софија со неговиот хрватски колега Гордан Грлиќ Радман изјави дека Бугарија инвестирала многу во дијалогот со Република Северна Македонија и очекува конкретни дејствија од Скопје за трајно спроведување на Договорот за добрососедство од 2017, како и почитување на правата на граѓаните со бугарска самосвест.

Стоев информира дека преговорите на експертско ниво меѓу Скопје и Софија течат, и оти се предадени бугарските предлози и текстови. Тој истакна дека до крајот на октомври ќе има нов круг консултации меѓу Бугарија и Северна Македонија и доколку се постигне согласност, она што ќе биде договорено, може да биде потпишано од двајцата министри за надворешни работи. Стоев рече и дека продолжува дијалогот за ова прашање и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Претседателот на Република Бугарија Румен Радев, пак, за време на состанокот со шрфот на хрвтаската дипломатија Грлиќ-Радман, ги оцени како алармантни случаите на дискриминација и систематско кршење на човековите права на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест. Тој изразил поддршка за нивната желба да бидат вклучени во преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија, како и на нивните очекувања за објективно одразување во резултатите од пописот.

-За нас е важно меѓу младите од Република Северна Македонија да не се влева омраза кон Бугарите, рече Радев и даде пример со учебниците во земјата, каде што, според него, се уште има искривени толкувања на Бугарија и Бугарите.

Република Бугарија и Република Северна Македонија до крајот на октомври ќе одржат нов круг на консултации во обид за надминување на спорот и деблокада на евроинтеграцијата на земјава. Скопје се надева на решение по изборите во Бугарија, за што треба да помогне билатералниот протокол од 6 точки кој треба да биде готов до почетокот на ноември.

 

Слични содржини