Скопска Зоолошка: Слоницата Дуња е евтанизирана по одлука на тим експерти и сопствениците од Белгија

од Nikola Popovski
47 прегледи

Скопската зоолошката градина информира дека во текот на вчерашниот ден, по насока на сопствениците кои ја позајмиле на нашата зоолошка- „Pairi Daiza” од Белгија, одлучиле со тимот експерти (ветеринар, офтамолог и сениор зоо негувател на тимот за слонови) кои изминатите денови ја прегледувале, за евтаназија на азиската слоница Дуња.

Потенцираат дека ниту еден третман ниту операција не можел да ја спаси, а одлуката на сопствениците од Белгија била од стручниот меѓународен тим за да таа не страда.

-Последнава година слоницата Дуња појавуваше симптоми на длабока старост и изнемоштеност и се констатираа повеќе здравствени проблеми кај Дуња, типични за шеестгодишна слоница. Дуња скоро и да не гледаше, имаше проблеми со вилицата и забите, а ден претходно беше направен преглед и констатиран е комплексен дентален проблем. За процесот на обдукција и останките, Зоолошка градина Скопје ги следеше законите и правилата, како и консултации со тим од Факултетот за ветеринарна медицина, стои во соопштението од Зоолошката градина.

Оттаму додаваат дека Дуња најголем дел од својот живот го има поминато во шведски патувачки циркус, патувајќи низ цела Европа.

-Со забраната за користење на животни во циркуси точки, оттаму Дуња и Даела патуваат во Белгија, во еден од најубавите паркови за слонови во светот- „Pairi Daiza”, каде се констатира дека за жал поради трауматичното минато двете слоници Дуња и Даела нема да можат да живеат во социјална група со други слонови. Оттогаш, во 2018 година доаѓаат во Скопје за да ги живеат нивните „пензионерски денови”. Посетителите на Скопје ЗОО од 29.09.2018 имаа прилика да уживаат и да се едуцираат со нивното присуство, а од вчера ја имаме само нашата африканска слоница Даела, за чиј статус дополнително ќе се одлучи заедно со европската група за слонови. Дуња, бескрајно ќе ни фалиш на сите, ни беше чест што имавме можност да се грижиме за тебе во твоите „пензионерски” денови“, потенцираат од ЗОО-Скопје.

Минатата година во Зоолошката градина Скопје угинаа осум животни, а посебно внимание во јавноста предизвика смртта на двете жирафи кои долго време беа белег на установата, предизвикувајќи внимание кај посетителите. Угинаа Каспер и Флопи, а ЗОО Скопје остана без жирафа, воедно го загуби кандидатскиот статус во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА), се случи труење на три пржевалиски коњи, а јавноста доби малку одговори во врска со сите овие случувања.

Откако директорот Ѓорги Галетановски даде отказ во 2021 година, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска постави три различни директори во скопската Зоолошка градина. Првиот, Кристијан Стаменов, беше разрешен во јули 2022 година, откако Вистиномер го разобличи колењето коњи во зоолошката за храна за месојадите животни.

По разрешувањето на Стаменов, за в.д. директор беше назначен Драган Илиевски. И тој потоа беше разрешен бидејќи не бил избран од редот на вработените, што е услов за позицијата според статутот на скопската Зоолошка градина. По разрешувањето, тој беше назначен како генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“, а во февруари годинава и оттаму беше разрешен.

Актуелен директор на Зоолошката градина е Зоран Попов.

Слични содржини