Новата година во Скопје, Зоолошката градина ќе ја започне со две бебиња пингвини. Оттаму информираат дека парот Џонатан и Лила се родители на две мали пингвинчиња кои се испилија на 23-ти и 26-ти ноември минатиот месец.
-Пингвините несат по најмногу две јајца, а најчесто преживува само едно, но во Скопје ЗОО со сета грижа успешно се справуваме со овој предизвик веќе трета сезона и ова е трета година како што имаме бебиња, што е голема реткост во поголемиот број зоолошки, но и во природата, велат од скопската зоолошка градина.
Крвната линија на јатото започна од Русија и Италија, а со бебињата кои ги имаме, истакнуваат од Скопје ЗОО, успешно ја продолжуваме одржливоста на видот Хамболт пингвини во Европа и светот.
-Овие јужноамерикански птици се многу интелигентни, секој со свој различен карактер, но се и многу стресни и затоа бараат многу внимание и грижа. Најчеста закана за болести е периодот кога има влага и испарување, а во светски рамки и маларијата која ја пренесуваат комарците. Токму затоа просторот околу живеалиштето во нашата зоолошка е целиот посаден со лаванда, а во пештерите каде што живеат пингвините имаат меки гнезда направени од лаванда во кои најмногу уживаат. До 20-тиот ден, за бебињата се грижеа само родителите, а оттогаш секојдневно добиваат асистенција и од зоонегувателите во улога на дадилки, посочуваат од претпријатието под капата на Град Скопје.
Полот на пингвините ќе се утврди многу подоцна затоа што е потребно преку пердув или крв да се направи ДНК анализа.
Годинава во месец мај, во краток временски период од само неколку дена, Зоолошката градина доби два нови члена. Прво се роди двогрба камила од фамилијата Бактријан, а кратко по камилата пристигна и новото бебе алпака. Мајката алпака Фелиција сега има две деца, постарата алпака е Дина која има 3 години, а сега и новороденото бебе.