Германски оџачари деновиве се на терен заедно со скопските оџачари и вршат чистење на оџаците во Скопје. Град Скопје во соработка со збратимениот град Нирнберг го реализира проектот „Оџачари за чисти печки и чист воздух во Скопјe”. Проектот е финасиран од Министерство за економска соработка и развој од Сојузна Република Германија.
Целта на проектот е да се тестира систем за намалување на емисиите од приватните домаќинства во една пилот-област во Скопје. Активностите се фокусирани на подобрување на состојбата со квалитетот на амбиентниот воздух во Скопје, преку намалување на емисиите од приватните домаќинства, како и да се спроведе кампања за промовирање на значењето на професијата оџачар од аспект на заштитата на здравјето на граѓаните и заштита на амбиентниот воздух.
Една од активностите е и размена на оџачарското искуство помеѓу оџачарите од Скопје и претставник од компанијата за чистење на оџаци Schreiber од градот Кобург, кој ја има завршено обуката во најголемиот тренинг центар за оџачари Милбах во Баварија.