Скоро 12.000 деца убиени или повредени во Сирија за 10-годишната војна: Повеќе од 5.700 од нив регрутирани

од Stefanija Kuzmanovska
334 прегледи

Скоро 12.000 деца биле убиени или повредени во 10-годишната граѓанска војна во Сирија, а милиони го напуштија училиштето, објави денеска Детскиот фонд на Обединетите нации.

Мрачната статистика е објавена во извештајот на УНИЦЕФ во пресрет на 10-годишнината од почетокот на конфликтот во Сирија, кој започна кон средината на март 2011 година, објави АП.

Во војната загинаа скоро половина милион луѓе, повредени се над милион и раселено е половина од населението, додека повеќе од пет милиони имаат статус на бегалци.

Во извештајот се наведува дека бројот на деца кои покажуваат симптоми на психосоцијално страдање е двојно зголемен во 2020 година, бидејќи континуираното изложување на насилство, шок и траума има значително влијание врз менталното здравје на децата, со краткорочни и долгорочни последици, пренесува „Танјуг“.

Според проверените податоци, УНИЦЕФ соопшти дека во изминатата деценија биле убиени или повредени скоро 12.000 деца, а повеќе од 5.700 деца, некои на возраст од седум години биле регрутирани во вооружените сили.

Детскиот фонд на ОН, исто така, навел дека скоро 2,45 милиони деца во Сирија и уште 750.000 деца од Сирија во соседните земји не посетуваат училиште, од кои 60 отсто се момчиња.

Исто така беше наведено дека состојбата за голем број деца и семејства е сè уште неизвесна и дека на скоро 90 отсто им е потребна хуманитарна помош, што е зголемување за 20 отсто само во текот на минатата година.

Слични содржини