СКРМ: Лица ангажирани во недела без јануарска исплата во институции на култура

од Маја Анчевска
483 прегледи

Јануарската плата, според изнесените тврдења на Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ) исплатена е  во некои институции на култура, кои немале ангажирано вработени во недела, а кај некои институции на култура, каде што имало ангажирано работници во недела, нема исплата на плата.

– Кај оние институции кои ја организирале работата, каде обезбедувањето не фунцкионира во недела и се затворени за посети, има исплата. Сепак, има и институции како НУ Конзерваторски центар Скопје, НУ Завод и музеј Штип и НУ Музеј на современа уметност, каде што имало лица анагажирани во недела, но, не се исплатени. Проблемот е што кај институциите кои имаат водичи, билетопродавачи и обезбедување и кои испратиле пресметка согласно Законот за работни односи и одредбата за недела неработен ден, немаме исплата на плата од Министерството за култура, а нема ни официјално објаснување, кое чекаме да го видиме во јавноста, велат од СКРМ.

Неофицијално,  според секретарот на СКРМ, проблемот е во тоа што од страна на Министерството за култура не се доставени навремено информации до Министерството за финансии и не се обезбедени средства за исплата, како и тоа дека од страна на одредени директори на инситуции имало обиди за малверзации, односно прикажување на работа во недела за работни места кои нема потреба да работат тој ден. Сепак, ова се неофицијални информации, можеби и шпекулации, па затоа најдобро е Министерството за култура да се изјасни, изјави секретарот на СКРМ, Гоце Павловски во разговор за „Локално“.

Според твдрдењата од СКРМ, 13 институции на уметност немаат земено плата, освен НУ „Спомен куќа на Мајка Тереза“.

– Институциите за кои со сигурност знаеме дека немаат плата се:  НУ Археолошки музеј, НУ Национална галерија, НУ „Стоби“ , НУ Завод и музеј Битола, НУ Музеј на македонската борба, НУ Центар за култура Битола, НУ Центар за култура „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ – Велес, НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, НУБ „Климент Охридски“ – Скопје, МКЦ Скопје, ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, НУ Завод и музеј Охрид, ЛУ Градска Библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје. Исто така, знаеме дека единствената институција која има пресметка за исплата на работа во недела како неработен ден и каде што има плата за јануари е НУ Спомен куќа на „Мајка Тереза“, вели Павловски.

Како што информираат од СКРМ за надминување на проблемот, закажана е средба за во вторник помеѓу в.д. претседателка, Вера Атанасовска од синдикатот и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

– Средбата, не е конкретно само за овој проблем туку  е  и  за другите предизвици во однос на почитување на правата на вработените во културата. Со оглед на ентузијазмот на новата министерка, се надеваме на беспрекорна комуникација и надминување на сите наталожени недоразбирања, додава Павловски.

Секретарот на  СКРМ посочи доколку не се реши проблемот ќе следат пријави до Државниот инспекторат за труд.

– Доколку Министерството не го реши проблемот со платите, за кој во моментов институциите меѓу другото плаќаат и пенали во УЈП, заради неплатени придонеси, нашиот прв чекор ќе бидат соодветните пријави до Државниот инспекторат за труд. Во однос на штрајкови и протести, сметаме дека тоа се чекори за посериозни проблеми за кои не би нашле разбирање со Министерството, како на пример доколку во март, Министерството реши да не го почитува Колективниот договор за култура каде што платите на вработените во културата се пресметуваат со множење на минималната плата на ниво на државата и коефицентот за секое работно место, вели Павловски.

Министерството за култура не се огласи по доставените прашања од „Локално“, за проблемот за исплата за недела, неработен ден.

На 57  седница на собранието на Република Северна Македонија на ден 20.12.2021 година  беше изгласана  измената на Законот за работните односи. При што се усвои Додатокот на плата за работа во недела  да изнесува најмалку 50% за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот.

М.А.

Слични содржини