СКРМ: Вработените во културата останаа со едно големо ништо за најголемиот христијански празник „Велигден“

од Vladimir Zorba
18 прегледи

Синдикатот на културата на Република Македонија денеска преку соопштение изрази незадоволство во врска со неисплатените мартовски плати за вработените во културата поради, како што наведуваат, ненавременото усогласување со минималната плата согласно одредбите од Колективниот договор за култура и со Општиот колективен договор и најави активности на почетокот од наредната недела.

-Вработените во културата во Република Македонија останаа со едно големо ништо за најголемиот христијански празник „Велигден“. Секој март од 2021 па наваму, кога се коригира минималната плата и кога платите во културата треба да се усогласат со минималната плата според Колективниот договор за култура, и оваа година, вработените во културата се соочија со проблеми. Овој пат – и БЕЗ ПЛАТА! За државата и институциите или е спорно усогласувањето со минималната плата, според КД за култура, или се спорни 10% според општиот колективен договор дадени пред 2 години на цел јавен сектор без исклучок, наведуваат од Синдикатот.

СКРМ смета дека иако и двете права законски им следуваат на вработените во културата, се случиле „стандардни игри со пресметките за плата, кои институциите ги направија според законите и колективните договори, но кои не беа прифаќани од Министерството за култура и беа враќани назад“.

Според КД за култура, се посочува понатаму во реакцијата, платата требаше да се исплати до 10-ти во месецот, а според законите во Република Македонија до 15-ти, но до тоа не дојде, а нема ниту никакво официјално образложение, поради што од СКРМ најавуваат протести.

-Нема никакво официјално образложение зошто, само бледи, нелогични, неповрзани и конфузни изјави на министерот за култура по различни медиуми. Во еден медиум ги обвини институциите за ненавремено изготвување на пресметките, а во друг кажа дека тие како министерство на 11 април одлучиле дека ќе ја исплатат платата „како и до сега“, за да не доцнела, па „ќе сме се договарале за понатаму“. Според овој исход, како и според одлуките донесени на состанокот на Советот на СКРМ на 8 април, СКРМ најавува протестен Совет во проширен состав на 22 април 2025, Вторник, во 12 часот пред Министерството за култура.

Од СКРМ наведуваат дека доколку се случи неоснована преправка на платите, тие ќе поднесат кривични пријави до директорите за непочитување на колективните договори и законите, кои иако во конкретноиот случај се најмалку виновни, сметаат дека се најмногу одговорни. Најавуваат од страна на членството и поднесување индивидуални тужби до институциите за неисплата на платите согласно Колективните договори и за парично побарување за задоцнето исплаќање на платите за изминатите 3 години, кое според Колективниот договор за култура е 10-ти во месецот, ќе ги информираат странските амбасади и претставништва, особено на ЕУ и на САД, за кршење на загарантираните уставни и работнички права во Република Македонија.

Тие ќе се обратат и до сродните синдикати од Европа и САД и ќе побараат нивно инволвирање во процесите на кршење на правата на вработените во културата, а дополнително ќе информираат за понатамошните чекори за кои СКРМ ќе одлучува во зависност од ситуациите, стои меѓу другото во реакцијата.

Слични содржини