“Скромниот предлог” на Варуфакис

од desk3
108 прегледи

“Скромен предлог за решавање на еврокризата”, е насловот на книгата напишана од грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис. Во меѓувреме, таа излезе и на германски јазик.

0,,18271849_303,00

Поранешниот професор по економија Јанис Варуфакис напишал книга во ко-авторство со двајца познати економисти: Британецот Стјуарт Холанд, поранешен советник на Жак Делор, и Американецот Џејмс К. Гилбрајт. Во неа се содржат идеи, развиени од авторите за прв пат во 2010 и постојано ажурирани дури до денес. Предговорот кон германското издание на книгата е од самиот Варуфакис – напишан во авионот од Берлин за Атина по неговата посета кај германскиот колега Волфганг Шојбле.

Четирите димензии на кризата

Во содржинска смисла, тенка книга од 64 страници, претставува критика на досегашниот менаџмент во надминувањето на еврокризата. “Намерата ни беше чисто и едноставно да го турнеме опасниот мит дека нема алтернатива на досегашната линија. Линија која ја осудува Европа да пропадне уште подлабоко во вртлогот од долговите и дефлацијате”, објаснува Варуфакис. Авторите сметаат дека кризата во еврозоната има “четири меѓусебно поврзани димензии”: криза на банките, криза на долговите на инвестициите и на социјалното дело. Анализата е проследено со соодветни конкретни предлози.

0,,18287217_401,00

Влезениот од неодамна во сила делумен Европски банкарски сојуз е контрапродуктивен – сметаат Варуфакис и неговите двајца коавтори, бидејќи “земјите-членки даваат гаранции за суми кои не се во можност да се преземат реално”. Затоа тие нудат пропаднатите банки да бидат санирани со помош на важечкиот Европски спасувачки механизам и на ЕЦБ. Како да се случува тоа? ЕЦБ го одредува новото раководство на пропаднат банка, им ја проверува документацијата и изработува концепт за спасување на банката. Финансиските дупки се пополнети со средства од Европскиот спасувачки механизам. Во замена за тоа Фондот добива партиции од банката, кои би можел да ги продаде како добивка по успешното нејзино санирање. Овој пристап гарантира дека “како земјите со дефицит, така и оние со буџетски суфицит нема да се принудени да преземат високи долгови во одреден момент”, се вели во книгата.

Централната улога на Центарот

И другите предлози предвидуваат централна улога на ЕЦБ. Во рамките на “ограничената програма за реструктуирање на долговите”, банката требало да ги покрива државните заеми на земјите од еврозоната, кои се на достасување. Авторите очигледно не го гледаат ова прекршување на забраната Европската централна банка да финансира држави – бидејќи ЕЦБ ниту откупува кредити, ниту печати пари: “Наместо тоа издава сопствени заеми, а тоа значи дека позајмува пари на меѓународните финансиски пазари, што не е спротивно на нејзиниот статус. ”

Доделената авансна сума од ЕЦБ оди на сметката на земјата-должник, која во даден момент ќе мора да ги враќа парите со актуелната кон моментов каматна стапка на ЕЦБ, пишуваат уште авторите. Предноста, според нив, е што задолжените земји добиваат поволна можност за одложување на долговите, истовремено примаат и поттик на долг рок да се намалуваат општото ниво на долгови до 60% од БДП, бидејќи финансирањето на повисоки должнички нивоа е значително поскапо.

Сличен приод нудат авторите и во однос на паневропскиот “New Deal”, кој ќе обезбеди прибирање на инвестиции во износ од 8 проценти од БДП на еврозоната. Досега инвестициските програми се финансираа половина од земјите-членки и половина од Европската инвестициона банка (EIB) и Европскиот инвестициски фонд (EIF). Бидејќи многу земји нема да успеваат да ги покријат својот дел од средствата, авторите на книгата и нудат ЕЦБ и тука да помага со сопствени заеми. Предноста, според Варуфакис, е: “Овие кредити ќе се покриваат директно од инвестициските приходи […] и нема да го зголемуваат нивото на државните долгови на земјите-членки во кои се инвестира.”
Авторите се изјаснија и за создавање на “Итна програма за социјална солидарност”, која работи според моделот на американската програма за социјално-слаби и ги покрива основните потреби на сиромашните од прехранбени производи, енергија и транспорт. “Морален и политички долг на ЕУ” е да се преземат итни активности во оваа насока, бидејќи “структурната еврокриза, во комбинација со мерките за штедење наметнати на послабите земји-членки, не им дава можност да се грижат за оние нивни граѓани кои се во неволја . ”

Потребна е дебата за алтернативните варијанти

Критиките против “Скромниот предлог за решавање на еврокризата” се предвидливи: сите идеи на Варуфакис предвидуваат преземањето на нови долгови. Новото е само тоа што ЕЦБ се јавува во улогата на финансирачки орган или на посредник во финансирањето. Во таа смисла понудените решенија одговараат на ставовите на лево-ориентираните економисти. Критичарите во Германија најверојатно ќе размислуваат и за тоа дали стратегиите понудени од Варуфакис, навистина се компатибилни со статусот на ЕЦБ.

Сепак не би било редно позициите на тројцата автори да бидат отфрлени со лесна рака. Сегашното статус кво со неговите проблеми е доволен доказ дека ваквиот потег би бил погрешен: создадена беше една Банкарска унија, Централната банка “фрла” милијарди во Еврозоната, економскиот раст останува слаб, постои опасност од дефлација, висока невработеност и зајакнување на евроскептичните партии.

Предлозите на Варуфакис, Холанд и Гилбрајт заслужуваат да бидат подетално разгледани и проверени. Бидејќи тие содржат нешта кои долго време беа негирани, а и затоа се нешто суштинско за секоја демократски систем: понудата на алтернативи.