Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) достави барање до претседателот на Собранието Талат Џафери, законодавниот дом да не ги усвои предложените измени и дополнувања на Законот за работни односи, а во иднина, како што соопшти, законите конечно да се носат низ транспарентен и инклузивен процес со вклученост на засегнатите страни.
Од комората денеска инфомираа дека барањето следува по доставени бројни реакции од компании што се нејзини членки во врска со Предлог законот што е во собраниска процедура.
– Законот за работните односи е комплексен закон (Устав за работниците), за чии измени и дополнувања е потребна широка јавна расправа, а не нивно донесување во скратена постапка. СКСМ многу добро знае за да не се одговори на ова наше барање може да се искористат десетици други правни процедури и акти. Но ако се има волја и одговорност за моментот во кој се наоѓаме предлог законот може да се врати на јавна расправа, порачуваат од комората.
Во име на своите членки кои обезбедуваат 50,3 проценти од вкупниот приход, 47,6 проценти од нето добивката и 33,7 проценти од вработените во приватниот сектор, комората потенцира дека не смеат да се носат измени и дополнувања на системски законите без дијалог со засегнатите страни.
Како што појаснуваат, со измените е предложено намалување на максималната горна граница за склучување договори за вработување на определено време од 5 години на 6 месеци и намалување на крајниот рок за исплата на платите, односно наместо до 15-ти во месецот, платата да се исплаќа до 5 во тековниот за претходниот месец.
-Да не се враќаме на периодот (2015 година) кога Собранието донесе 541 закон од кои според податоците од канцеларијата на УСАИД во Македонија 57 проценти се донесени преку ноќ без јавни консултации. При разработка на некое одредено прашање успехот е да се соберат условно кажано сите спротивставени страни, за да седнат и да направат концензус во однос на разликите, со цел да се дојде до правилата кои ќе бидат применливи и јасни за сите. Во спротивно ова би придонело дополнително да се зголеми бројот на работниците кој ќе останат без работа. Претставниците на компаниите посочуваат и дека фактот дали вработувањето е на определено или неопределено време воопшто не влијае од аспект на остварување на правата од работен однос, наведува комората.
Вакво или слично решение како предложеното, посочува, не може да се сретне ниту во земјите во регионот (на пример во Србија договорот на определено време може да трае до 24 месеци, во Хрватска до 3 години итн), ниту пак пошироко во Европа.
-СКСМ смета дека право да критикува има оној кој е подготвен да помогне, а ние сме подготвени на тоа во интерес на државата, истакнуваат од Стопанската комора на Северна Македонија.