Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) смета дека бизнисот, поради политичката криза во земјата, трпи големи штети, неговиот опстанок е речиси доведен во прашање, а посебно се погодени малите и средните претпријатија. Отежнато е функционирањето на институциите, а странските партнери стравуваат од натамошна соработка и инвестирање.
– Политичките фактори, наместо да се посветат на решавање на ситуацијата, се занимаваат со својот личен интерес. Тешко е да се каже кој е виновен, но сите треба да бидат одговорни, сериозно да се однесуваат и да донесат долгорочни одлуки, рече претседателот на СКСЗМ Неби Хоџа.
Поради политичката неизвесност, Комората на среден рок очекува економска стагнација, а ако не се преземат итни, ефикасни мерки, не е исклучен, како што истакна Хоџа, и почеток на економски регрес.
Бизнисмените сметаат дека секое високо меѓународно рангирање на Македонија во однос на деловната клима во вакви услови не е валидно зашто перцепцијата на странските компании е сосема поинаква.
Стопанската комора на северозападна Македонија апелира претседателот Ѓорге Иванов да ја повлече одлуката за аболиција. Во спротивно, велат, ќе ги сруши сите демократски принципи во државата.
