Во рамки на редовните состаноци на Платформата за јавно-приватен дијалог, во фокус на дискусијата е новонастаната состојба со драстичното поскапување на цената на електричната енергија, која значително влијае на зголемувањето на оперативните трошоци на компаниите и го отежнува работењето на истите.
Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија во соработка со своите членки изврши суштинска анализа на оваa проблематика и излезе со низа мерки и предлози за ублажување на кризата. Според истражувањето на СКСЗМ, за поголемиот дел од фирмите, односно 65% од членството, кои веќе имаат енергетско ефикасна инфраструктура, трошоците за eлектрична енергија во 2021 година биле од 1.3 % до 2.3% од вкупните месечни трошоци. Додека за оваа година, тие трошоци се од два до шест пати зголемени. Сметките за месец јули веќе изнесуваат 7-10 % од месечните оперативни трошоци. Од друга страна, состојбата кај производствените компании е алармантна. Без исклучок кај сите производители износот на месечните трошоци за електрична енергија преставуваат минимум 25% од вкупните трошоци, додека од друга страна нивната профитна маржа изнесува помалку од 5%, велат оттаму.
Имајќи ја во предвид настанатата ситуација, СКСЗМ предложи низа мерки за ублажување на кризата со електричната енергија. Очекувањата се дека Владата дефинитивно и веднаш, со целосен капацитет треба да се нафати со работа и да им помогне на фирмите преку укинување на ДДВ за струја, замрзнување на цената на електричната енергија по примерот на соседните земји, да се забрзаат постапките за инсталација на фотоволтаици и конечно да се пренаменат голем дел ако не целосниот износ на средства од капиталните расходи за да истите се инвестираат во обновливи извори на енергија, се со цел максимално да се искористи целиот државен капацитет за производство на електрична енергија.
Горенаведените предлози беа доставени до надлежните институции и беа соодветно и детално објаснети со цел имплементација на истите во најкус можен рок.
„Владата итно треба да превземе мерки по однос на енергетската криза, бидејќи овој проблем го доведува во прашање самото постоење и опстанокот на бизнисите на пазарот“, велат оттаму.