„Слаби сме и бедни, низ светот изгледавме како будали“: Трамп остро го обвини Бајден поради Авганистан

од Nikola Popovski
297 прегледи

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп остро го критикувал својот наследник Џо Бајден поради ситуацијата во Авганистан. „Ние сме бедни и слаби, низ целиот свет изгледавме како будали“, рекол Трамп.

Главната критика на Трамп беше наводното предавање на Талибанците на листата на луѓе што Американците сакаат да ги евакуираат од Авганистан. Трамп, како гостин на Фокс њуз, во емисијата на Шина Ханити, тоа го нарече „смртна казна“, пренесуваат американските медиуми.

„Сега им даваме список на Американци на Талибанците, кои можат да тропнат на нивната врата и да ги земат. Она што го гледаме ќе биде уште полошо и може да оди само во една насока“, изјавил Трамп.

Поранешниот американски претседател потенцирал дека „се чувствува многу, многу лошо поради Американците и Авганистанците чии имиња беа откриени“.

„Мислам дека тие се во голема опасност, без разлика дали се преведувачи или други луѓе, тие беа многу лојални на нашата земја“, додаде Трамп.

Поранешниот американски претседател досега беше многу критичен кон Бајден поради развојот на ситуацијата во Авганистан, бидејќи повлекувањето на силите на САД и НАТО беше придружено со брзо напредување на Талибанците, кои ја преземаа контролата врз таа земја за неколку недели.

„Изгледаме како будали за целиот свет. Ние сме слаби и бедни, не водат луѓе кои немаат идеја што прават“, заклучи Трамп.

 

 

Слични содржини