Славески: Граѓаните бараат стабилност и предвидливост, инфлацијата мора да се држи под контрола

од Марта Пешевска
28 прегледи

Новиот гувернер на Народната банка на Македонија, Трајко Славески, нагласи дека граѓаните најмногу ценат стабилност и предвидливост во економијата, особено кога станува збор за инфлацијата. Тој објасни дека и покрај желбата за побрз економски раст, повисоки плати и пензии, неопходно е да се најде рамнотежа со целта за ниска инфлација, која е и законска обврска на централната банка.

Славески истакна дека од 1997 година, кога беше последната голема корекција на девизниот курс, во земјава се применува фиксен курс на денарот кон еврото, што обезбедува стабилност на валутата. За да се одржи оваа стабилност и во иднина, според него, инфлацијата треба да се усогласи со онаа во евро зоната на среден и долг рок.

„За да го задржиме фиксираниот курс на денарот кон еврото, мора да ја намалиме инфлацијата до ниво споредливо со инфлацијата во евро зоната“, рече гувернерот.

За полесно разбирање на врската помеѓу производството, доходите и цените, Славески даде пример со јаболка. Тој рече дека ако целата економија се замисли како јаболково дрво кое произведува 10 јаболка годишно, а едно јаболко чини 10 денари, тогаш вкупната вредност на производството изнесува 100 денари. Од друга страна, вкупните доходи – плати, пензии, кирија, дивиденди – треба да изнесуваат исто толку за да има рамнотежа.

Ако во следната година дрвото роди исто 10 јаболка, но вкупните доходи пораснат на 150 денари, тогаш цената на едно јаболко мора да се зголеми на 15 денари, што значи дека инфлацијата ќе се зголеми. Меѓутоа, ако во исто време дрвото произведе повеќе јаболка, на пример 15, тогаш цената може да остане иста, а луѓето ќе имаат повеќе производи за потрошувачка.

„Јаболкото е симбол за сите стоки и услуги во економијата, а овој пример покажува како растот на производството и доходите влијаат врз цените и инфлацијата“, објасни Славески.

Тој нагласи дека е важно економскиот раст да биде урамнотежен, односно приходите и производството да растат во согласност, за да се избегне неконтролиран пораст на цените и да се одржи стабилноста во земјата.

Гувернерот посочи и дека евентуална девалвација на денарот би предизвикала сериозна штета, како за фирмите така и за граѓаните. Тој потенцира дека по ваква промена цените на увозните производи, кои се значаен дел од пазарот поради високата увозна зависност на земјата, веднаш би се зголемиле. На пример, ако денес пар патики чини 6.000 денари (околу 100 евра), по девалвација цената би се покачила во денарска противвредност, но во евра трговците брзо би ја вратиле на старата вредност од 100 евра, што значи дека ефектот од девалвацијата би бил само дополнителен товар за потрошувачите, без реална корист.

„Новиот курс ќе донесе само поголеми цени на увозните производи, а штетата ќе биде за сите нас“, заклучи Славески.

Слични содржини