„Народната банка дејствуваше одлучно за да ja зачува макроекономската и финансиската стабилност во економијата. Како и повеќето централни банки во регионот и пошироко, беа преземени сеопфатни пакет-мерки насочени кон стабилизирање на инфлацијата, зачувување на стабилноста на девизниот курс и зајакнување на финансиската стабилност.” Ова го истакна гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата којашто се одржа во Тирана, Албанија, во организација на Банката на Албанија и Комитетот за преобразување на Бретон Вудс, по повод 100-годишнината од нејзиното основање. На конференцијата присуствуваше и вицегувернерот Фадил Бајрами.
На панел-дискусијата на којашто учествуваа и гувернерите на Ерменија, Малта, Литванија и Португалија, а којашто ја водеше првата заменик-гувернерка на Банката на Албанија, Лулјета Минџози, гувернерот Славески посочи дека внимателно осмислената монетарна политика и мерките преземени на девизниот пазар придонесоа за зацврстување на инфлациските очекувања и за постепено намалување на инфлацијата.
„Инфлацијата значително се намали во однос на нејзиниот максимум од крајот на 2022 година и повторно се сведе на едноцифрено ниво. Врз основа на преземените мерки, како и претпоставките за надворешниот и домашниот контекст, очекуваме нејзино натамошно забавување и враќање на нивото на историскиот просек во периодот што следува”, истакна Славески, додавајќи дека Народната банка и натаму е внимателна и ја води својата политика врз основа на темелни анализи и податоци, при што секоја одлука ќе се носи со разгледување на сите достапни информации и на потенцијалните ризици.
Гувернерот исто така посочи и на низата макропрудентни мерки што Народната банка ги презеде во изминатиов период како втора „линија на одбрана”, со коишто се поддржа поставеноста на монетарната политика и дополнително се зајакна финансиската отпорност и стабилноста на системот. Притоа, сите активности беа придружени со засилена и проактивна комуникација со јавноста, којашто одигра важна улога во стабилизирањето на пазарните очекувања и зачувувањето на довербата и кредибилитетот на Народната банка.
На конференцијата на која учествуваа гувернери на централни банки, како и претставници на меѓународни институции и академската заедница, се зборуваше за начинот на кој централните банки можат да го задржат кредибилитетот, да ги зацврстат очекувањата и да постигнат ценовна стабилност во услови на непредвидливо ценовно окружување, зголемена геополитичка неизвесност и постојани светски шокови.