Поранешниот министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен претседател на Советот на Град Скопје, Трајко Славески упати честитки по повод вчерашната вест дека започнува формирањето на Албанската академија на науките во Македонија. Славески објави дека силно ја поддржува иницијативата за основање на Научно-уметничко друштво (НУД) со работен наслов “албанска Академија на науките и уметностите” со седиште во Тетово.
-Науката треба да се поддржува како замаец на прогресот во едно општество. Сигурен сум дека и ова НУД може да придонесе за јакнење на свеста за важноста на науката, а низ конкретни проекти да даде продонес во општествената сфера и развојот на економијата и индустријата во нашата земја, објави Славески на социјалната мрежа „Х“.
Според него, новото Научно-уметничко друштво со седиште во Тетово би требало да добие поддршка од веќе постојното слично научно-уметничко друштво со седиште во Битола.
Тврди дека политичарите кои ја поддржуваат иницијативата се расфрлаат со ненаучни тези.
-Ќе издвојам една дека, наводно, МАНУ била центарот на науката и најпродуктивната научна институција во земјата. Не е! Научно докажано, тоа се нашите универзитети, стои меѓу другото во објавата на Славески.
СРЕЌЕН ПОЧЕТОК ЗА НУД – ТЕТОВО
Силно ја поддржувам иницијативата за основање на Научно-уметничко друштво (НУД) со работен наслов “албанска Академија на науките и уметностите” со седиште во Тетово.
Науката треба да се поддржува како замаец на прогресот во едно општество. Сигурен…
— Trajko Slaveski (@TSlaveski) October 15, 2024
Градоначалниците на четирите општини од редовите на ВЛЕН вчера одржаа средба со Здружението на академици Албанци. Според градоначалникот на општина Тетово Билал Касами, општините кои се предводени од градоначалници Албанци кои се дел од коалицијата ќе го финансираат ова здружение со цел Академијата да стане реалност. Касами на прес-конференција рече дека реакцијата на премиерот Христијан Мицкоски за оваа академија не била толку остра како што некогаш била реакцијата на македонските партии за отворањето на Тетовскиот универзитет.
Утрово претседателот на СДСМ, Венко Филипче, категорично се спротивстави на идејата на коалицијата ВЛЕН. Во својата реакција, Филипче вели дека СДСМ не поддржува паралелни институции и дека науката не може да се етнизира.
Од Владата вчера порачаа дека сите општествени и политички чинители треба да имаат една цел – подобрување на животниот стандард на граѓаните.
-Во науката не треба никогаш да не се дава никаков принос, освен за тоа како да се унапреди. Во Македонија веќе има институција која што е наречена МАНУ, рече портпаролката на Владата, Марија Митева.