Славески со платa од 3000 евра им порачува на граѓаните да работат по три работи, порачаа од СДСМ

од Nikola Popovski
263 прегледи

Во своето срамно интервју на ТВ21, Славески изјави дека минималната плата не гарантира пристоен живот и дека „не е срамота да се работи по две-три работи“. Тоа е лицемерие на човек кој цел живот е во фотелји, земал плата над 3000 евра, и сега ги поучува граѓаните дека не треба да очекуваат повеќе – туку да се распарчуваат на три фронта за да преживеат, порачаа од СДСМ преку партиско соопштение за вчерашните пораки на новиот гувернер на Народната банка.

Најголемата опозициска партија му порача на Славески дека очигледно не знае дека не се сите како него.

-Не се сите на државна плата, не се сите родени со функција и поврзани со елитата. Народот што секој ден се бори со инфлација, со скапа храна, со растечки трошоци, не може да живее од советите на Славески. На граѓаните им треба реална плата и заштита од кражбата на маркетите.

Отпорот на Славески кон замрзнување на маржите и цените значи едно: поддршка за профитите на трговските ланци, а не за интересите на граѓаните. Со вакви изјави, јасно е дека Трајко Славески ќе биде гласноговорник на богатиот слој што живее во паралелна реалност. Македонија не смее да има гувернер кој со презир зборува за оние што живеат од минималец, истакнуваат од „Бихаќка“ и го прашуваат премиерот Христијан Мицкоски „дали ги дели ставовите на Славеси или токму тој го инструира вака да зборува и ги потценува граѓаните?“.