Славески за дозволата за Мерко да се студира и медицина на неговиот универзитет: Струга во наредните неколку години треба да ги „изучи“ сопствените медицинари

од Nikola Popovski
3,8K прегледи

Поранешниот министер за финансии и актуелен претседавач со Советот на Град Скопје, Трајко Славески ја коментираше денешната вест според која Меѓународниот универзитет во Струга на градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко добил дозвола од МОН да го има и Факултетот за медицински науки.

-Еден мој поранешен професор на Економски факултет – Скопје, по потекло од Струга и учесник во НОБ, сега одамна починат, кажуваше една анегдота за лекар во неговиот роден град, од периодот меѓу двете светски војни, со диплома од Виена. Наводно, на што и да се пожалел пациент кај него, му препишувал аспирин. Човек му доаѓа позеленет во лицето, ќе го потчукнел по слабините и ќе го препорачал семоќниот лек. Според професорот, тој да ти бил од оное Für den Balkan gut (добар за Балканот) лекари со дипломи од европските универзитети од тоа време.

Денес ја прочитав “убавата вест” дека дошло време во градот Струга да се образуваат лекари. Каде на друго место освен на далеку познатиот “универзитет на Рамиз Мерко”.

Дозволата за отворање “студии по медицина” ма овој “универзитет” ја потпишал неговиот сопартиец и министер за образование и наука во заминување, господинот Јетон Шакири.

Значи, по отприлика сто години од т.н. Für den Balkan gut лекари, Струга во наредните неколку години треба да ги “изучи” сопствените медицинари. Практиката ќе покаже само за каде ќе бидат “добри”, стои меѓу другото во објавата на „Х“ на Славески, додавајќи дека за квалитетот „Бог нека ни е на помош!“.

Од лани во месец јуни, САД го ставија на црната листа струшкиот градоначалник како генерално неподобен за влез во Соединетите држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција. Додека ја извршуваше функцијата градоначалник на Струга, Мерко присвоил средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери во Македонија.

Во Македонија има неколку медицински факултети, вклучувајќи го Медицинскиот факултет во Скопје, Штип и Тетово.

Слични содржини