По ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја презентираше својата предизборна програма, насловена како „Програма за европска иднина“. Според партијата, можностите за економски развој и за подобар животен стандард ќе се зголемат уште повеќе со членството на Северна Македонија во ЕУ. Затоа, како што рече лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, е важно да се продолжи европскиот пат, кој нѐ носи до единствениот европски пазар од половина милијарда луѓе, со што за нашите компании ќе се отворат огромни можности.
Од СДСМ најавуваат дека доколку останат на власт, во наредните четири години просечната плата ќе се зголеми на рекордни 1.100, а минималната на 600 евра. Исто така ветуваат дека во 2028 година минималната пензија ќе биде 20.000 денари, а просечната 30.000. Дополнително предвидуваат мерка- новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер. Од „Бихаќка“ се осврнуваат и на невработеноста, потенцирајќи дека изминатите седум години ја преполовиле стапката и дека до 2028 година таа ќе стане едноцифрена. Предвидуваат и по 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години.
За дел од јавноста ваквите мерки се популистички, барем така тврдат експертите од опозицијата на ова поле. Според нив, ова се нереални ветувања. Екс-министерот за финансии и актуелен претседавач со Советот на Град Скопје, Трајко Славески оценува дека „среќна околност е што СДСМ ќе нема шанса и понатаму да ги залажува македонските граѓани“. Тој во разговор за „Локално“ вели дека „актуелната владеачка коалиција се предодредени за опозиција по 8. мај“. Истакнува дека „нивното очајничко ветување се неодржливи и претставуваат гол популизам“,
-Да се сведе главното предизборно ветување од страна на СДСМ на зголемување на просечната и на минималната плата на 1.100 и 600 евра, соодветно до 2028 е индикација за целосна безидејност во квалитетна понуда кон граѓаните за наредните парламентарни избори. Ретко кој политички субјект пред граѓаните настапува со ветување за зголемување на платите во номинален износ. Тоа е ексклузивна одлика на СДСМ, критикува Славески.
Според него, сериозни политички субјекти ветуваат издржан економски модел базиран на пораст на приватните и јавни инвестиции и пораст на продуктивноста; владеење на правото; сериозна борба против корупцијата; јакнење на институциите на пазарната економија; поддршка на ранливите категории граѓани и достоинствен животен стандард за пензионерите и сл.
-За куповната моќ на доходите релевантна е реалната плата, односно номиналната плата корегирана со стапката на инфлација. Во изминатиот период на владеење на владата предводена од ДУИ/СДСМ поради високата стапка на инфлација (25% кумулативно за 2022 и 2023 година) целокупниот номинален пораст на платите го „изеде“ инфлацијата. Тоа го чувствуваат и граѓаните кои се екстремно незадоволни и покрај номиналниот раст на платите, анализира поранешниот министер за финансии.
Во однос на ветувањата за пензиите, Славески објаснува дека нашата понова економска историја покажува дека „за да бидат пензионерите релативно задоволни, просечната пензија треба да изнесува околу 60% од просечната плата“.
-Како по правило, во сите периоди на владеење на СДСМ по осамостојувањето овој сооднос се менува на штета на пензионерите и каков модел за усогласување да применат, при што се склони кон експериментирање, пензиите стагнираат во однос на зголемувањето на платите. Како по правило, во тие периоди односот просечна пензија/просечна плата паѓа на околу 50%. Оттаму, предлогот за линеарно зголемување на пензиите за по 5.000 денари во текот на оваа и наредната година, презентиран во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, е супериорен во однос на каква било понуда од страна на СДСМ, заклучува Славески.
„Платформа 1198“ за исто толку проекти колку што планира да реализира владата на ВМРО-ДПМНЕ. Во неа, според партијата, граѓанинот е во фокусот преку подобрување на животниот стандард и економијата. Партијата на Христијан Мицкоски ветува 3 милијарди евра за капитални инвестиции, нови 55.000 работни места до 2028, рамни и ниски даноци кои создаваат фер услови, борба со сивата економија, изградба на енергетски капацитети и создавање на Министерство за енергетика.
5.000 денари повисоки пензии во првата година, поддршка на младите и семејствата, 6 бесплатни ин витро интервенции за идните родилки, по 50 милиони евра за спортот и културата и 800 милиони евра за земјоделството, ветува ВМРО-ДПМНЕ. Но најважно од се е да се направи дигитален попис, за да се види со какво население располага земјата и така ќе може да се гради иднината, најавува Мицкоски.
Н.П.