Цените на производите што граѓаните ги платиле на крајот од годината и на почетокот на оваа година ќе ги анализира Министерството за економија, вели министерот Бесар Дурмиши. Целта, како додава тој, е да се види дали имало зголемување на цените и девијантно однесување од страна на трговците.
„Следната недела ќе ги анализираме податоците за цените од последните денови од декември и првите денови од јануари и ќе бидете информирани дали имало девијантно однесување од страна на трговците или зголемување на цените“, рече денес Дурмиши.
Тој додаде дека откако ќе се направат анализите и ќе се види дали тврдењата за повисоки цени се точни ќе известат за тоа како ќе постапат понатаму.
Изјавата на Дурмиши доаѓа откако пред новогодишните празници, граѓаните реагираа дека цените на производите во маркетите и продавниците се превисоки.
Синдикатите бараат веднаш да растат платите, бидејќи како што велат, инфлацијата веќе го изела редовното усогласување.
Во однос на минималната плата, од Владата остануваат на ставот дека пресметката се темели на официјални економски показатели. Велат, инфлацијата се стабилизира, а законски утврденото усогласување во март останува единствениот одржлив механизам за раст на минималецот.