Министерството за транспорт и врски следниот месец ќе распише оглас за распределба на 79 социјални станови низ повеќе градови во државата, од кои 59 се за лица од социјален ризик и 20 за лица со ниски примања.

– Најважно ни е постапката која ќе се води да биде максимално транспарентна. Тврдам дека нема да дозволиме да се случуваат никакви манипулации со цел на најранливите категории граѓани Министерството за транспорт и врски и Владата да им помогнат да го решат станбеното прашање- изјави денеска министерот за транспрот и врски Горан Сугареси.
Од 59-те станови наменети за лица од социјален ризик, 39 се во Кочани, а 10 во Македонски Брод, и за нив првпат се врши распределба, а по тој основ ќе се делат и три во Прилеп, по два во Штип, Берово и Крива Паланка и еден во Кичево кои се слободни по разни основи.
Согласно анализата на ресорното Министерство и ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор, за лица со ниски примања има седум слободни станови во Велес, по три во Кратово и Кочани, два во Прилеп и по еден стан во Крива Паланка, Дебар, Тетово, Гостивар и Штип.
За распределба на становите ќе се формира посебна комисија која ќе ги разгледува сите пријави.