Исходот од следните три натпревари на Милан ќе биде одлучувачки за судбината на Пауло Фонсека, тврди „Газета дело Спорт“. Првиот од нив е гостувањето на Верона вечерва. „Росонерите“ потоа ја пречекуваат Рома на 29 декември, пред да играат полуфинале во Суперкупот на Италија против Јувентус во Ријад на 3 јануари.
„Газета дело Спорт“ не очекува Фонсека да добие отказ доколку Милан вечерва не успее да ја победи Верона, но периодот е исклучително важен и доколку резултатите на трите наведени натпревари не бидат задоволителни, Милан може да има нов тренер на почетокот на следната година.
Интерпретацијата на „Кориере дело Спорт“ е поинаква, а според ова издание мечот вечерва би можел да ја реши судбината на Португалецот, во случај Милан да не стигне до успех.
Милан моментално заостанува 14 бода зад лидерот во Серија А, Аталанта, иако со натпревар помалку, и осум зад екипата на Фиорентина на четвртото место во привремениот поредок.