Следува жешка политичка зима

од Vladimir Zorba
1,1K прегледи

Клучните поенти, кои можат да се извлечат од првиот круг на локалните избори се дека ВМРО-ДПМНЕ однесе голема победа во освоени градоначалнички мандати, но „не победи“, односно победата на опозицијата се должеше на катастрофалниот пад на гласачкото тело на владејачката СДСМ. Кога ќе се соберат на куп, освоените гласови на советничките листи од страна на коалицијата ЛДП-ДОМ, како и тие на БЕСА, три политички партии кои на минатогодишните парламентарни избори беа дел од предизборната коалиција во партиската композиција предводена од левицата, резултатот ќе биде егал.

Што всушност се случи на овие избори?! Десницата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ заедно со нејзините коалициски партнери, дури со освоени помалку гласови на советнички и градоначалнички листи од тие во 2017-тата година, кога доживеа убедлив пораз, ги освои најголем дел од скопските општини, градовите Штип, Велес, Прилеп, и е во игра во вториот круг за освојување на градот Скопје, други градови-општини, но и некои рурални помали општини. Едноставно тврдото вмровско гласачко тело, кое е монолитно, и кое без разлика на се, ќе излезе и дисциплинирано ќе гласа за кандидатите од својата матична партија, ја доведе и на овие избори победата на десницата.

За разлика од дисциплинираноста на ова гласачко тело, кое гравитира од околу 300 илјади гласови без разлика дали станува збор за парламентарни, локални или претседателски избори, владејачката СДСМ има помал број на тврдо дисциплинирано гласачко тело (околу 220 илјади), кое на овие избори се покажа, а истото излезе во 2006-тата и 2008-мата во толкав вкупен број на парламентарните избори кога СДСМ ги загуби. Од друга страна, левицата добивала и до 500 илјади гласови, на т.н „легендарен 15-ти Септември“, во 2002-рата година, но и околу 440 илјади гласови на парламентарните избори во 2016-тата година.

Овие бројки ги укажувам, за да разбереме дека СДСМ има многу пофлуктуирачко гласачко тело, кое во зависност од политичката констелација и конјуктура на теренот, во зависност од политичките турбуленции и потреси на македонската политичка сцена, или излегува од удобноста во своите домови и гласа за левицата (парламентарните избори во 2002 и 2016), и локалните во 2017-тата, или пак апстинира и гласа за трети партии, го прешкртува ливчето, но не гласа за ВМРО-ДПМНЕ како политичка опција, бидејќи не инклинира вредносно кон нив. На овие избори, токму тоа им се случи на социјалдемократите: пораз (казна) од „своите“, кои за разлика од вмровците, не гласаат по секоја цена за левицата.

Кој ќе ја сочинува идната влада?!

Дали можеме да изведеме заклучок дека доколку утре се одржат предвремени парламентарни избори, власта ќе доживее убедлив пораз и опозицијата ќе го освои тронот на „Илинденска“ б.б? Не би рекол. Од проста причина што прво парламентарните избори се многу поспецифични од локалните, и второ ќе ја видиме предизборната математика и коалиција, особено со албанскиот политички фактор. Многумина, лани велеа дека БЕСА не ги испорачала своите гласови на контото на СДСМ, и дека незаслужено добила 4 пратеници во предизборната коалиција, но бројките од локалните избори, го демантираат тоа.

Можеме со рака на срце да заклучиме дека БЕСА можеби беше и клучен фактор за победата на СДСМ на парламентарните избори, и нејзино останување на власт. Всушност и самиот лидер Христијан Мицкоски, лани се прогласи за победник на изборите, образложувајќи го тоа со исклучок на гласовите на БЕСА. Ноторен факт е, дека и СДСМ, но и Заев како лидер има поголем коалициски потенцијал и капацитет во т.н албански политички блок, бидејќи уште од времето на Шарената револуција го промовираше концептот „Едно општество за сите“, многу поприфатлив од тој етничкоподвоениот стимулиран и промовиран во сите овие години наназад од десницата и нејзините апологети. Исчекор во напуштање на таа практика направи лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски со актуелната поддржувачка коалиција помеѓу неговата ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, но од тоа можеме да видиме на дело дека печали само етничкомакедонската десница, додека опозициските албански политички партии го намалија својот гласачки квантум за разлика од минатогодишните избори и доживеаја убедлив пораз од својот конкурент, вечната ДУИ.

Дали тоа се должи на резигнираноста на албанските гласачи кои не сакаа да гласаат за „џелатите од 27-ми април“ на Зијадин Села, или е нешто друго во прашање, тоа аналитичкиот центар на албанската опозиција, ако го имаат, и ако се сериозни ќе треба да го дадат одговорот. Што значи во превод: секоја политичка партија на Албанците кај нас, два пати ќе треба да си го постави прашањето дали предизборна или поддржувачка коалиција со ВМРО-ДПМНЕ ќе и донесе штета или корист?!

Многу равенки со многу непознати

Нејсе, доколку на Мицкоски му се реализира неговата најголема желба, и навистина во иднина постане македонски премиер, тој отворено ќе треба да каже како ќе постапува со Преспанскиот договор (кој сега го негира), Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија (кој е во ќор сокак), но и за Законот за јазиците, три клучни тригери според кои сите без исклучок етничкоалбански политички партии се на спротивната страна од таа која декларативно и заложбено барем до овој момент ја прокламира шефот на опозицијата. Интересно, дали во иднина некоја етноалбанска политичка партија (БЕСА, Алијанса за Албанците или Алтернатива), би сочинувала власт со ВМРО-ДПМНЕ, а истата да биде макар и „малцински“ поддржана од екстремнодесничарската партија „Левица“. Која од двојазично „албанска“ на почетокот, стана пионер во антиалбанскиот сентимент кај населението.

Македонската политичка равенка во овој момент е со повеќе од една непознати, и многу тешко е да се одгатне како во иднина ќе се одвиваат политичките текови и процеси кај нас. Особено на фонот што нашата внатрешна политика за надворешнополитички пробиви и успеси на тоа поле (членство во НАТО и почеток на преговори со Европската Унија), зависи и тоа како од стратешкиот интерес на најмоќната земја во светот-САД. Или во превод, разврската на македонската политичка сцена во идната 2022-ра година ќе биде и тоа како детерминирана од разврската на политичката сцена во соседна Бугарија, и постизборието таму: дали по третите по ред парламентарни избори оваа година ќе се создаде стабилна политичка влада, и истата ќе биде подготвена да го тргне ветото и да го откочи процесот на блокада на европерспективите на Македонија (но и Албанија како колатерална штета), или и по овие избори, тамошните политички чинители, ќе се инаетат и ќе потонат во своите ситни суети и наново Бугарија ќе нема активна влада. Што во најмала рака ќе биде пред се неодговорно за самите бугарски граѓани, ако веќе не чувствуваат одговорност за евроиднината на скоро 5 милиони жители на Македонија и Албанија.

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини