Грчкиот остров продолжува да се тресе, а експертите стравуваат од посилен земјотрес. Училиштата на Санторини и трите околни острови ќе останат затворени до 14 февруари додека серијата земјотреси продолжуваат да го потресуваат регионот, соопштија тамошните власти во саботата. Од 1 февруари забележани се над 800 земјотреси со јачина од три степени или повисоки, почувствувани на Санторини, Аморгос, Анафи и Иос, пишува „Индипендент“. Оваа сеизмичка активност доведе до „егзодус“ на жителите на островот и туристи, особено на Санторини, каде што голем број од околу 16.000 жители веќе заминаа. Додека зачестеноста на земјотресите е благо намалена, според Атинскиот институт за геодинамика, 11 земјотреси со јачина од четири степени според Рихтеровата скала ги погодиле островите во саботата, од кои најголемиоѕ, со јачина од 4,9 степени. И покрај тековната сеизмичка активност, сè уште нема пријавени штети или жртви.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис пред неколку дена пристигна во погодената област.
„Мобилизиран е целиот државен механизам. Ги слушаме упатствата и упатствата на експертите кои ја советуваат Службата за цивилна заштита. Ќе продолжиме да го следиме феноменот. Нема да даваме научни проценки. Тоа е работа на другите, кои како и досега ќе не советуваат. Сакам уште еднаш да ги уверам жителите на Санторини, како и жителите на соседните острови кои моментално минуваат низ тежок период, дека државниот механизам е со нив“, рече тој.
Вонредната состојба ќе трае до 3 март за да се овозможи квалитетно управување со кризи и санирање на последиците, но неодговореното прашање е – дали сето ова е само увертира за некој поголем разорен земјотрес?
Експертите сметаат дека исклучително големата сеизмичка активност на територијата на соседна Грција, се должи на заемното дејствување на двете големи тектонски плочи – Африканската и Евро-азиската, односно субдукцијата или подвлекувањето на Африканската под Евро-азиската плоча. Силите кои дејствуваат и притоа напрегањата кои се создаваат се пренесуваат и кон внатрешноста на овие тектонски плочи, создавајќи раседи и раседни структури чии блокови при одредени услови се придвижуваат и предизвикуваат земјотреси.
-Во подрачјето помеѓу островите Санторини и Аморгос има мрежа на раседи кои се главната причина за случување на оваа серија на земјотреси која започна со дваесетина слаби земјотреси некаде од 27 јануари 2025 година, а веќе од 1 февруари почнаа да се нижат земјотресите со рихтерови магнитуди поголеми од 4 и до 7 февруари се случија и 5 земјотреси со рихтерова магнитуда поголема од 5. Мора да се напомене дека има исклучително многу земјотреси, 138, со Рихтерова магнитуда помеѓу 4.0 ≤ ML ≤ 5.0 што укажува интензивна сеизмичка активност со умерено-силни земјотреси. Епицентрите на сите овие регистрирани земјотреси, а ги има повеќе илјади, се наоѓаат во зона од 30-тина километри во правец од југозапад кон североисто, како што е прикажано на сликата, вели во разговор за „Локално“, сеизмолог, проф. д-р Драгана Черних од Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ.
Набљудувајќи ја распределбата на земјотресите по времето на нивното случување можеме да заклучиме, посочува Черних, дека засега нема главен земјотрес од оваа серија, туку сѐ наликува на сеизмичка активност која му претходи на главен земјотрес (односно форшокова активност). Би можело да се очекува и посилен земјотрес, но може и да продолжи серијата со послаби земјотреси доколку се ослободил главниот дел од акумулираната сеизмичка енергија.
Како се објаснува тоа што се случува во моментов на Санторини?
Како што појаснува соговорничката, сите решенија на механизмите на најсилните земјотреси се нормални раседи со силна „страјк-слип“ (strike-slip) компонента што укажува дека станува збор за тектонска активност која ги исклучува вулканските процеси.
-Сериите на земјотреси се случуваат често во подрачја со изразена сеизмичка активност. Не мора да одиме подалеку од нашиот регион за да посочиме на една таква слична серија од нашето блиско минато. Сигурно се сеќавате, а особено жителите на Охрид и околината кога во 2017 година, од мај до септември во охридскиот регион се случија повеќе од 3.500 земјотреси. Многу од овие беа почувствувани од населението и имаше и одредени мали оштетувања на постарите објекти. Најсилниот земјотрес од оваа серија беше со умерена јачина од 5.2 според Рихтеровата скала, потсетува Черних.
Во однос на тоа колку долго може да трае сеизмичката криза на грчките острови, експертката смета дека тешко може да се предвиди кога и колку ќе трае сеизмичката активност затоа што според ослободувањето на акумулираната сеизмичка енергија, серијата може да трае од неколку дена до повеќе месеци.
![](https://lokalno.mk/wp-content/uploads/2023/02/cernih-640x464.jpg)
Д-р Драгана Черних
-Таа енергија може да се ослободи на повеќе начини, со еден главен земјотрес и серија афтершокови, со форшокова активност, па главен земјотрес и потоа земјотреси кои го следат главниот земјотрес и секако сѐ зависи карактеристите на подрачјето каде сето тоа се случува и нема правило, објаснува Черних, додавајќи дека подрачјето околу Санторини се карактеризира со појава на силни земјотреси и период на повторување од неколку стотини одини. Последниот таков силен земјотрес бил во 1956 година со рихтерова магнитуда од 7.7, додека интервалот на повторување на ерупциите на на вулканот Колумбо кој се наоѓа помеѓу островите Санторини и Аморгос е 30.000 години, при што последната ерупција била 1500 година пред нашата ера.
-Според податоците од каталогот на случените цунами во подрачјето на Егејското море, кој опфаќа период од 1500 година п.н.е. па до денес, 162 пати набљудувана е појавата на цунами. Според тоа постои одредена веројатност да ако има силен земјотрес како тој во 1956 година да има појава на цунами. Но притоа треба да кажеме дека не секој земјотрес предизвикува цунами. Треба да бидат задоволени одредени услови, карактеристики на рељефот, земјотресот да е со одредена јачина итн, потенцира сеизмологот.
Запрашана дали е можно ова да доведе до целосно уништување на островот, доколку продолжат потресите со ова темпо, Черних тврди дека земјотреси со ваква јачина околу 5 степени според Рихтер не се доволно силни и не ослободуваат толкава сеизмичка енергија за да предизвикаат катастрофа од големи размери.
-Значи ова темпо не е разорно. Вознемирувачко е, но досега нема податоци за урнатини. Одрони има на поедини места, заклучува експертката.
Според грчките медиуми, од 26 јануари досега се регистрирани 7.700 земјотреси во областа меѓу Санторини и островот Аморгос.
Н.П.