Под Ајфеловата кула во Париз беше насликана фреска, дело на американскиот уметник Клион Петерсон, пренесува Artprice.
Делото се протега на површина од 700 квадратни метри и е замислено како симбол на единството. Од првиот кат на Ајфеловата кула, на висина 57 метри над земјата, фреската се гледа во целокупниот изглед.
Инспирирана е од ренесансната книга “Сонот на Полифил” ( “Хипнеротомахија Полифили”). Во центарот на Фреската се прикажани маж во црно и жена во бело, кои се прегрнуваат и бакнуваат. Тие се опкружени со танчери во црно и бело, кои се држат за раце.
“Во црното и белото е заложена идејата за дуализмот, за мажот и жената, за доброто и злото, за нас и другите – појасни Петерсон, кој се преселил во Лос Анџелес.
-„Секогаш се плашиме од другите, од оние со различна боја на кожата. Со оваа фреска побарав да биде претставено единството и љубовта. Нема подобро место за изразување на тоа единство од Ајфеловата кула, која е посетена од толку луѓе од целиот свет. ” Петерсон се надева дека луѓето ќе разменат мисли крај делото.