Македонија, Србија и Албанија за првпат имаат заеднички саем на вино, кој до сабота ќе се одржува на Саемот во Белград. Саемот се одржува во рамките на иницијативата Отворен Балкан и, како што кажаа лидерите на трите земји Димитар Ковачевски, Александар Вучиќ и Еди Рама, уште еднаш се покажува колку е таа важна за граѓаните и економиите на Македонија, Албанија и Србија.
-Сега пред нас се нови патишта, поврзувања, развивање на регионот, сега е вистинско време заедно да ја искористиме шансата и да обезбедиме подобра иднина, подобри услови за живот и животен стандард за нашите држави и нашите граѓани. Тоа е наша обврска, тоа е заедничка придобивка за сите држави, кажа Ковачевски.
Тој напомена дека сега светот ќе има прилика да види слики од Балканост со насмеани лица.
-Сакам да споделам со вас и нешто многу лично во 1992 и 1993 година бев на школување во Соединетите Американски Држави, секое утро наставата започнуваше со телевизиски канал за средните училишта и секое утро први слики беа слики од Балканот, слики на разорување, слики на војна и слики на страдање. И тогаш кажав дека таа слика мораме да ја промениме.
Денес, сретнав еден пријател тука во хотелот во Белград, кој исто така во тоа време беше во САД и останавме добри пријатели. Денес, ме праша дали сум среќен, му кажав да, денес сум среќен, затоа што сликите кои денес ќе ги пренесат сите телевизиски канали во светот ќе бидат слики на насмеани лица, слики од пријателство, слики на земји кои можат и подобро и повеќе, бидејќи се заедно и затоа што се отворени. Дали сум на позиција премиер или на било која позиција нема да престанам да работам за отворање на границите на Балканот и моја крајна цел е укинување на границите помеѓу нашите држави, бидејќи граѓаните тоа го заслужуваат, рече премиерот Ковачевски.